Во коментари под објавата на комуналното претпријатие на социјалните мрежи, граѓани прашуваат колку време пијат вода со арсен и зошто не е наведена концентрацијата
Водата од градскиот водовод во Валандово содржи зголемено ниво на арсен, соопшти тамошното јавно претпријатие „Комунален сервис“.
Оттаму велат дека граѓаните не смеат да ја пијат, туку таа може да се користи само како техничка вода.
„Согласно добиените резултати од извршените анализи од Институтот за јавно здравје – Скопје, во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен. Поради наведеното, се препорачува водата од градскиот водовод во Валандово да не се користи за пиење сѐ до добивање на нови резултати кои ќе ја потврдат нејзина исправност. Водата може да се користи исклучиво како техничка вода“,
објави претпријатието.
Уверуваат дека ги преземаат сите потребни активности и вршат дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата, во соработка со надлежните институции.
„За сите понатамошни резултати и препораки, јавноста ќе биде навремено известена. Ви благодариме за разбирањето и апелираме до сите граѓани да ги почитуваат дадените препораки до добивање на официјално известување дека водата е безбедна за употреба“,
велат оттаму.
Во коментари под објавата на комуналното претпријатие, граѓани прашуваат колку време пијат вода со арсен и зошто не е наведена концентрацијата.
