Цената за нестручните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата, ја плаќаат приватните бизниси кои ниту ја загадија водата ниту ја криеја информацијата, а сега се казнети од Агенцијата за храна и ветеринарство
Поради грешки на институциите под команда на Мицкоски, граѓаните прво беа отруени, а сега и приватниците ги чувствуваат последиците на сопствена кожа – коментираат од опозицискиот СДСМ откако АХВ изрече 30 глоби и 12 забрани за вршење дејност по вонредните инспекциски надзори во Гостиварско.

„Поради загадената вода во Гостивар, АХВ веќе изрече 30 казни и 12 забрани за работа. Засилените контроли продолжуваат, а дел од угостителските објекти, продавниците и производителите веќе се соочуваат со ограничувања и затворања. Ниту еден од овие луѓе не е виновен. Тие се жртви на туѓа грешка“,
коментираат од СДСМ.
Цената за нестручните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата, ја плаќаат приватните бизниси.
„Тие се жртви на организираната криминална група ВМРО, на нивните нестручни кадри и на потполната негрижа за јавното здравје. Ова е истиот модел како и кај цените. Месеци наназад СДСМ бараше мерки за да се ублажи ударот од поскапувањето на нафтените деривати. Мицкоски и неговата влада немаа капацитет да ги воведат. Резултатот? Секојдневни поскапувања што ги плаќаат граѓаните“,
велат од СДСМ.
Агенцијата за храна и ветеринарство изрече 30 глоби во вкупна вредност од 7 750 евра, 12 забрани за вршење дејност и привремено затвори 11 нерегистрирани оператори со храна по вонредните инспекциски надзори во Гостиварско. Акцентот на контролите бил ставен на тоа дали операторите ја почитуваат забраната за употреба на водата од гостиварскиот водовод. Иако при надзорите не биле утврдени отстапувања во однос на почитувањето на забраната, кај дел од операторите било утврдено дека не се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а други не биле извршени задолжителните здравствени прегледи на вработените.
