Од СДСМ истакнуваат дека ова повеќе не е локален инцидент, туку системски проблем на целата држава

По масовното труење во Гостивар, каде што илјадници граѓани пиеја загадена вода со недели, сега и во Валандово водата од градскиот водовод не е безбедна за пиење, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според СДСМ, водата од градскиот водовод во Валандово е прогласена за небезбедна за пиење поради зголемено ниво на арсен, за што веќе алармираа и ЈП „Комунален сервис“ Валандово и Институтот за јавно здравје.
Од СДСМ истакнуваат дека ова повеќе не е локален инцидент, туку системски проблем на целата држава.
„Ова е системски проблем на цела држава и на оваа влада која не знае да управува со основните работи што се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните. Во Гостивар дозволија луѓето да се трујат со фекално загадена вода, а сега во Валандово имаме арсен во водата за пиење. Прашањето е – кој град е следен?“,
реагираат од СДСМ.
Опозицијата ги обвинува премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за недостаток на капацитет, стручност и системска контрола. Според нив, поставувањето кадри според партиска послушност наместо професионалност довело до граѓаните да немаат безбедна вода за пиење.
„Основните системи што треба да го штитат животот на луѓето се распаѓаат. Ова е последица на нестручност, незнаење и целосен фокус на лични и партиски интереси“,
додаваат од СДСМ.
Вчера од јавно претпријатие „Комунален сервис“ соопштија дека водата од градскиот водовод во Валандово содржи зголемено ниво на арсен. Оттаму рекоа дека граѓаните не смеат да ја пијат, туку таа може да се користи само како техничка вода.
