Во изјава за „360 степени“, Грујоски вели дека испитувањето го направил оти забележал крв во столицата

Јајца на цревни паразити (ascaris lumbricoides) во изметот, покажал микробиолошкиот наод на гостиварецот Дарко Грујоски, инаку поранешен кандидат на Левица за тамошен градоначалник. Во објава на Фејсбук која стана вирална, тој го сподели наодот и јавно праша кој ќе ги надомести трошоците за лекови и изгубениот мир.
„Денови по лекари, анализи, лекови, изгубени работни денови, нервози… Во услови кога официјално беше утврдено загадување на водата, прашувам: Дали градоначалникот чувствува морална одговорност? Кој ќе ги плати прегледите? Кој ќе ги плати анализите? Кој ќе ги плати лековите? Кој ќе им го врати здравјето и мирот на луѓето што поминаа низ ова? Не барам изговори. Не барам прес-конференции. Барам одговорност“,
објави тој.
Во изјава за „360 степени“, Грујоски вели дека испитувањето го направил оти забележал крв во столицата.
„Тоа ме натера да се испитам. Иако консумиравме вода од градскиот водовод, јас не велам дека е од водата, пишав, има неколку начини, преку нечисти раце, контаминирана храна или загадена вода, но симптоматично е што се појави баш сега“,
вели Грујоски.
Тој е еден од петнаесеттемина пациенти од Гостивар што изминатиов период, откако „букна“ епидемијата, ја посетиле ординацијата по семејна медицина „Л-Медика“ во Тетово.
Д-р Симона Новеска-Сековска во изјава за „360 степени“ вели – секој не сака да испита столица, а ова е прв потврден случај со цревни паразити. Таа дала насоки да се испитаат и членовите на неговото семејство.
„Иако ординацијата ми е во Тетово, имам пациенти од Гостивар кои доаѓаат на прегледи тука. Сите петнаесетина пациенти што дојдоа се со речиси иста симптоматологија – имаат стомачни болки, повраќања, течни столици во текот на денот, немаат апетит, не помага ниту терапија. И моите две деца кои беа во Гостивар, се со истата симптоматологија и за нив и нивните баба и дедо ги чекаме наодите од микробиолошките анализи“,
ни кажа докторката.
Микробиологот Никола Пановски, во изјава за „360 степени“, посочи дека jајца на цревни паразити (ascaris lumbricoides) не може да се пренесат од човек на човек.
„Овие паразити не можат да се развијат, треба да одлежат. Или си ги носеле од претходно или, ако ги имало во водата и се испиле, тие се исфрлаат“,
вели Пановски.
Тој посочува дека симптомите на пролив не би можеле да се поврзат со овој паразит.
