Тоа ќе вклучи постојани проверки на квалитетот на водата на излезни точки во градот, како во болницата, градинките, верските објекти, јавните чешми и ќе започне планирањето. Управувачкиот комитет за кризни состојби денеска има средба на која ќе се усвојат плановите за повторно пуштање на водоводот во употреба
Здравствената состојба е под контрола, има опаѓачки тренд на бројот на заболени во Гостивар, информира министерот за здравство Сашо Клековски. Во таа насока, како што рече, се работи на планот за враќање во употреба на водоводната мрежа.
„Тоа ќе вклучи постојани проверки на квалитетот на водата на излезни точки во градот, како во болницата, градинките, верските објекти, јавните чешми и ќе започне планирањето. Управувачкиот комитет за кризни состојби денеска има средба на која ќе се усвојат плановите што беа договорени вчера и денеска за повторно пуштање на водоводот во употреба“,
рече Клековски.

Водата ќе биде пуштена во употреба само кога ќе биде апсолутно сигурно дека е безбедна, посочи Клековски. На прашањето за контролата на водата во сите градови, министерот посочи дека одговорноста е на јавните претпријатија иако, како што рече, ќе се прави преглед на постојната ситуација од страна на здравствените власти.
„Решенијата се различни во различни градови. ‘Водовод и канализација’-Скопје има сопствена лабораторија и мислам дека најревносно ги вршат тестирањата на скопскиот водовод. Ќе извршиме увид каде што е неопходно, но тоа мора да биде со други органи кои не се од секторот здравство поради распределба на одговорноста за контрола на водата“,
кажа министерот за здравство.
Клековски одби да ги коментира наводите дека ЦЈЗ Тетово давал известување оти водата не е загадена во периодот додека работеле пумпите во Гостивар со образложение дека испратено е службено барање до Центарот да ги достави до Министерството податоците за сите мостри од водата земени годинава со точни локации.
Владата вчера прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар поради новонастанатата ситуација со водата за пиење во градот, чии анализи утврдија дека е загадена и не може да се употребува за ниту една намена.
Целта на прогласената кризна состојба, како што беше посочено, е побрза институционална координација, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.
