Водата ќе се дистрибуира на седум локации низ градот, како кај „Водостопанство“-Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“, АД ЕСМ – подружница кај гаражите, Општата болница Гостивар и Територијалната противпожарна единица Гостивар
Дополнително, вода ќе се доставува директно до градинките и до Општата болница за да се обезбеди нивно непречено функционирање и заштита на најранливите категории граѓани
За жителите на Гостивар, каде што е прогласена епидемија, денеска ќе бидат обезбедени три шлепери со вкупно 76 000 литри вода за пиење, а во наредните денови количините ќе се зголемуваат според потребите. Доколку биде неопходно, ќе бидат ангажирани и цистерни со вода. Ова денеска на прес-конференција во Владата го соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, откако во Гостивар беше прогласена епидемија поради наглото зголемување на бројот на заболени со стомачни тегоби.
Посочи дека Владата од првиот момент е во постојана координација со сите надлежни институции и го следи развојот на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар.

„Владата интервентно одлучи секојдневно да обезбедува вода за пиење за граѓаните додека траат мерките и препораките на надлежните институции, со цел да се задоволат основните потреби на населението“,
рече тој.
Водата ќе се дистрибуира на седум локации низ градот, како кај „Водостопанство“-Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“, АД ЕСМ – подружница кај гаражите, Општата болница Гостивар и Територијалната противпожарна единица Гостивар.
Доколку има потреба, ќе бидат определени и дополнителни пунктови.
Дополнително, вода ќе се доставува директно до градинките и до Општата болница за да се обезбеди нивно непречено функционирање и заштита на најранливите категории граѓани.
Според него, надлежните институции продолжуваат со контроли, лабораториски анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за состојбата, нагласувајќи дека секој кај кого ќе се утврди одговорност ќе сноси последици согласно законот.
Ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали.
На новинарско прашање дали обезбедените количини се доволни, Томовски рече дека тие ќе се зголемуваат согласно потребите.
„Денеска стартуваме со три шлепери, односно 76 000 литри вода. Не се исклучува можноста, доколку има потреба, да се вклучат и цистерни. Граѓаните не треба да се грижат, Владата ќе обезбеди сѐ што е потребно за нормално функционирање“,
кажа тој.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, на денешната прес-конференција во Владата рече дека комплетните анализи за водата во Гостиварско се завршени и предадени до Јавното обвинителство, но во интерес на истрагата резултатите засега нема да бидат споделени со јавноста.
Примарна цел во моментот, како што посочи, е да се лоцира одговорноста и да се открие точниот причинител за епидемијата за гастроентеритис, упатувајќи апел до Обвинителството да ги собере сите неопходни докази.
