Директорката на Институтот за јавно здравје вели и оти е важно да се најде причинителот, но и дека многу поважно е да се лоцира одговорноста, а кога ќе добијат можност како институција, резултатите ќе бидат објавени јавно
Комплетните анализи за водата во Гостиварско се завршени и предадени до Јавното обвинителство, но во интерес на истрагата резултатите засега нема да бидат споделени со јавноста, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, на денешната прес-конференција во Владата. Таа вели оти примарна цел во моментот е да се лоцира одговорноста и да се открие точниот причинител за епидемијата за гастроентеритис упатувајќи апел до Обвинителството да ги собере сите неопходни докази.

Говорејќи за хронологијата на настаните, оттаму велат дека немаат сопствена инспекциска служба и постапуваат исклучиво по барање. Официјалното барање од Обвинителството пристигнало во попладневните часови во четвртокот, а за помалку од еден час екипите биле мобилизирани и заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) излегле на терен. Земени биле примероци од четири локации, а теренската работа завршила во раните утрински часови во петокот, по што мострите веднаш биле ставени на анализа. Во ИЈЗ претходно немале добиено официјална пријава, туку пријавите почнале да пристигнуваат откако Обвинителството го информирало Институтот за случајот.
„Прогласување епидемија значи дека се зголемува бројката на некое заболување на определена област, тогаш се прогласува епидемија и понатаму значи дека сите институции треба да бидат повеќе координирани и да имаат поголема комуникација меѓу себе и треба да се размислува да се дадат одредени препораки и мерки и да се засилат одредени контроли. Ние и пред прогласување на епидемијата ги направивме сите работи кои се прават кога се прогласува епидемија. Имавме комуникација со сите надлежни институции и координација, беа презентирани одредени мерки и препораки и продолжуваме со контролите“,
рече Андоновска.
Во моментов останува во сила целосната забрана од АХВ за користење на водата, а Андоновска апелира до граѓаните строго да се придржуваат до оваа мерка. Дополнително, вели примарна надлежност за контрола на водата има самото јавно претпријатие во Гостивар, кое е должно да обезбеди и надворешни контроли, а иако претпријатието има распишано набавка за таа намена, досега Институтот реализирал само две посети по нивно барање.
Во интерес на истрагата која ја води Обвинителството, резултатите ќе бидат достапни само за нив, но директорката на ИЈЗ рече и оти штом добијат зелено светло од истражните органи, резултатите од анализите веднаш ќе бидат јавно објавени.
