Во нападите врз Иран погодени биле крајбрежни системи за надзор, позиции на противвоздушната одбрана, воена логистичка инфраструктура и поморски капацитети, соопшти американската војска
Со борбени авиони, беспилотни летала и воени бродови, Соединетите Американски Држави извршија нов бран напади врз десетици ирански воени цели, соопшти Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). Во нападите, како што велат, погодени биле крајбрежни системи за надзор, позиции на противвоздушната одбрана, воена логистичка инфраструктура и поморски капацитети.

Во шестата последователна ноќ од бомбардирањето, нападите биле насочени и кон островот Кешм и подрачјето во близина на Бандар Абас.
Иранските медиуми известуваат дека погодени биле и мостови, железничка станица во крајбрежниот град Бандар Хамир, како и аеродромот во Ираншахр, во југоисточниот дел на земјата.
Техеран, како што се наведува во објавите, возвратил со ракетни и беспилотни напади врз американски воени бази во соседни држави. Меѓу целите, како што се наведува, била и воздушна база во Јордан, за која се тврди дека била користена при американски напад врз детска онколошка болница во Иран.
