Како што потврдија утрово од Основниот кривичен суд Скопје, судијата го прифатил предлогот на ОЈО Скопје и на сопружниците им определил затворски притвор, ценејќи дека постојат околности за опасност од бегство и влијание врз сведоци
Притвор од триесет дена им одреди судија на претходна постапка на 65-годишниот маж и неговата 59-годишна сопруга против кои Основното јавно обвинителство Скопје вчера отвори истражна постапка за убиството на лекарот Ацо Трповски, чие безживнотно тело со повеќе убодни рани беше пронајдено на 21 март 2024 година на паркингот кај поликлиниката „Железара“.

Како што потврдија утрово од Основниот кривичен суд Скопје, судијата го прифатил предлогот на ОЈО Скопје и на сопружниците им определил затворски притвор, ценејќи дека постојат околности за опасност од бегство и влијание врз сведоци.
Брачниот пар вчера беше изведен пред надлежниот суд откако од републичкото Јавно обвинителство соопштија дека ОЈО Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбедиле докази кои укажуваат дека 65-годишниот маж го извршил убиството, додека неговата шест години помлада сопруга е осомничена дека помогнала при извршувањето на кривичното дело, прикривајќи ги трагите.
Според доказите и сознанијата на истражните органи, 67-годишниот лекар Ацо Трповски бил убиен во населбата Автокоманда, каде 65-годишниот осомничен му ги задал фаталните убоди со нож.
Жената, пак, според описот на случајот, била таа која се договорила со лекарот да се најдат на наведеното место, на кое по извесно време пристигнал и нејзиниот сопруг.
„Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото, од кои оштетениот починал“,
соопштија вчера од Обвинителството.
По убиството, сопружниците со неговото возило го однеле лекарот до паркингот на Поликлиниката „Железара“ каде што го префрлиле телото на возачкото седиште, а жената со средство ги избришала трагите од автомобилот. Откако го оставиле телото, двајцата осомничени си заминале од местото.
Од Обвинителството, во одговор на новинарско прашање, рекоа дека осомничените се откриени по повеќе преземени дејствија, додека мотивот за убиството се испитува.

Обвинителката на ОЈО Скопје, Елена Жакула, во изјава за медиумите вчера рече дека во обид да се открие сторителот на убиството, изминатиот период со МВР спровеле предистражни дејствија, во рамките на кои во полиција биле повикани лица, по што, како што кажа, се добиле дополнителни сознанија кои го подигнале степенот на сомневање дека токму осомничените го извршиле кривичното дело.
Таа додаде дека во овој момент не може да сподели повеќе детали, но, кажа дека Обвинителството располага со цврсти докази, додека мотивот дополнително го истражуваат.
„Мотивот ќе го истражуваме дополнително. Во оваа фаза можам само ова да ви кажам дека сега засега располагаме со цврсти докази, а дополнително ќе бидете известени за мотивот“,
рече обвинителката Жакула.

Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. Т. беше пронајден избоден до смрт на 21 март 2024 доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“, паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
Во деновите по убиството првично беа приведени две лица, а потоа уште едно. На две од нив им беше одредена и мерка краткотарен притвор од 48 часа, но, по неколкудневни истражни дејствија од Јавното обвинителството на 29 март 2024 година соопштија дека не се обезбедни докази кои укажуваат дека тројцата приведени го извршиле злосторството.
