Иако во јавноста остана дека формулацијата „убиството на лекарот во Железара“, според описот на делото што денеска го сподели Обвинителството, лекарот Ацо Трповски бил убиен во Автокоманда, од 65-годишно лице, откако претходно неговата сопруга договорила средба со лекарот. Телото на Трповски со неговиот автомобил потоа го однеле на паркингот на поликлиниката „Железара“, каде го ставиле на возачкото седиште и откако ги избришале трагите со средство, си заминале
Во одговор на новинарско прашање, од Обвинителството велат дека осомничените се откриени по повеќе преземени дејствија, додека мотивот за убиството се испитува
По повеќе од две години Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбедиле докази врз основа на кои брачен пар е осомничен за убиството на 67-годишниот лекар Ацо Трповски што се случи на 21 март 2024 година.

Грозоморното убиство на лекарот, на чие тело беа констатирани повеќе убоди од остар предмет, остана нерешено и подзаборавено во јавноста, иако на почетокот за случајот беа приведени три лица, од кои на две им беше одредена и мерка краткотраен притвор. Но, и покрај тогашните истражни дејствија, Обвинителството соопшти дека нема докази оти тројцата приведени го извршиле убиството.
Сега, врз основа на нови сознанија и преземени дејствија од МВР, а врз основа на издадени наредби од јавен обвинител, истрагата дошла до докази кои водат до 65-годишно лице како извршител на убиството, додека неговата шест години помлада сопруга е сомничена дека помогнала при извршувањето на кривичното дело.
Телото на убиениот лекар Ацо Трповски беше пронајдено во авомобил на паркингот на поликлиниката „Железара“ на 21 март 2024 година. Според доказите и сознанијата на ОЈО Скопје и МВР, сепак тој со умисла бил лишен од живот во населбата Автокоманда, каде 65-годишниот осомничен му ги задал фаталните убоди со нож.
„На 21.03.2024 година, на паркинг-простор во населбата Автокоманда, осомничениот 65-годишник со умисла го лишил од живот сега покојниот Ацо Трповски. Притоа, му помогнала 59-годишната осомничена, прикривајќи ги средствата и трагите од извршеното кривично дело“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Во описот на настанот е објаснета улогата на жената, која според Обвинителството била таа која се договорила со лекарот да се најдат на наведеното место. Откако се нашле и таа влегла аво неговиот автомобил, пристигнал и осомничениот.
„Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото од кои оштетениот починал“,
наведуваат од Обвинителството.
Сопружниците потоа заедно го ставиле телото на предното совозачко седиште од автомобилот, по што осомничениот го одвезол до паркингот на Поликлиниката „Железара“. Таму го префрлил безживотното тело на лекарот на возачкото седиште, додека неговата сопруга со средство ги избришала трагите од автомобилот. Откако го оставиле телото и ги исчитиле трагите, сопружниците си заминале.
Освен описот на извршувањето на кривичното дело, во соопштението од Јавното обвинителството нема информација за мотивот за убиството, како и тоа дали во рамките на предистражната постапка се откриени некакви материјални траги од осомничените.
Во одговор на новинарско прашање, од Обвинителството велат дека осомничените се откриени по повеќе преземени дејствија, додека мотивот за убиството се испитува.
Во рамките на отворената истрага, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на двајцата осомничени да им биде определена мерка притвор.

Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. Т. беше пронајден избоден до смрт на 21 март 2024 доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“, паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
Актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, кој тогаш ја вршеше функцијата технички министер за внатрешни работи, бидејќи беше предизборен период и извршната власт ја водеше технички кабинет, во изјави за медиумите во деновите по убиството информира дека истрагата е во напредна фаза и дека биле извршени разговори со повеќе од 15 лица, а биле прегледани снимки од 50 камери, вклучувајќи ги и тие од „Безбеден град“.
Во врска со случајот првично беа приведени две лица, а потоа уште едно. На две од нив им беше одредена и мерка краткотарен притвор од 48 часа.

Но, по неколкудневни истражни дејствија од Јавното обвинителството на 29 март 2024 година соопшти дека не се обезбедни докази кои укажуваат дека тројцата приведени го извршиле убиството.
Сега обезбедените докази се очекува да доведат до разрешување на убиството, ако се има предвид дека упатуваат на основано сомневање дека двајцата соопружници стојат зад злосторството.
