„Пресудата е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои СДС ги предложи и ги изгласа. Наместо да измислуваат приказни за судство под контрола, најпрвин нека се погледнат во огледало, а потоа нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година“, вели Петрушевски
Падна монтираниот случај за политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, вели пратеникот од редовите на владејачката партија, Бране Петрушевски, по ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, поврзан со противправното финансирање и изградбата на партиското седиште. Тој ги негира и обвинувањата на СДСМ за пресудата на Кривичниот суд, која ја оценија како потврда дека судството е под контрола на власта.
„Факт е дека предметот го отвори нивното криминално СЈО, како дел од тогашниот политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, со цел промена на името. Дополнително, факт што свесно го избегнуваат, а кој денес судот јасно го образложи, е дека пресудата е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои СДС ги предложи и ги изгласа. Јавноста добро памети и како тогаш беа донесени тие измени на Кривичниот законик, со силни сомнежи дека се дел од пошироки политички договори и трговија со влијание, со цел уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Затоа, наместо да измислуваат приказни за судство под контрола, најпрвин нека се погледнат во огледало, а потоа нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година?
вели Петрушевски.
Фактите се непријатни за СДС! А бегањето од сопствената одговорност преку политичка пропаганда не е политика, туку лицемерство“,
Од СДСМ обвинија дека судството и обвинителството се под контрола на премиерот Христијан Мицкоски и дека со денешната пресуда, освен што се ослободува Груевски од одговорност во предметот „Талир 2“, се овозможува и одмрзнување на партискиот имот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните гледаат како судството и обвинителството под контрола на Мицкоски го чисти Никола Груевски од одговорност за предметот ‘Талир 2‘ и го одмрзнува криминалниот имот на ВМРО. По осум години Белата палата, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од два милиони евра се повторно во рацете на ВМРО. Така изгледа кога криминална организација е на власт, таа се грижи само за себе и да ги спаси своите од одговорност. Правда нема!“,
порачаа од СДСМ.
Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Ослободувањето, како што кажа судијката Даниела Алексовска, доаѓа како директна последица на измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, кои беа во директна корист на обвинетиот.
Претходно за случајот „Талир 2“ во јуни 2022 година Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која поранешниот премиер Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.
Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик донесени во 2023 г., Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме, застари кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.
