Средбата што ја иницира Левица е одложена поради отсуство на претставник од СДСМ
Координативната средба која требаше да се одржи меѓу опозициските партии за Изборниот законик е одложена, пренесува МИА повикувајќи се на изјава на пратеникот на Левица, Борислав Крмов. Причината за одложувањето на средбата , како што вели тој, е отсуството на претставник од СДСМ.
„За друга средба и за тоа дали би одржале без некој претставник од другите опозициски партии (дали СДСМ или некој друг) – не можам да кажам. Не сме разговарале“,
вели Крмов.
Од Левица остро реагираа на одлуката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да не учествува на координативниот состанок за усогласување заеднички став околу измените на Изборниот законик.
Според Левица, СДСМ во текот на целата дебата за Изборниот законик не изградил ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања и наместо да објаснат дали се за една изборна едница, со што Македонија би добила поправеден изборен систем, од „Бихаќка“ се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории.
Одбивањето на координација, велат од Левица, е директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став.
„Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија која иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик“,
порачаа од Левица.
Иницијативата за заедничка средба Левица ја најави викендот обвинувајќи ја власта дека ја префрла одговорноста на опозицијата за пропаднатиот обид да се изгради консензус за измени на Изборниот законик. Идејата, како што порачаа, е опозициските партии да ги усогласат ставовите и да изградат единствен предлог.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија порачаа дека партијата нема да учествува на координативниот состанок што го иницира Левица. Според СДСМ, станува збор за театар за јавноста и игра на власта.
„СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава. Ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик. Но вистината е спротивна. Мицкоски е тој кој сака закон со кој ќе може да се крадат гласови од дијаспората“,
порачаа од СДСМ.
