Тоа е веќе видено сценарио во кое сателитските партии на Мицкоски се обидуваат да ја вовлечат опозицијата во нивната валкана игра. Прашањето е едноставно: Зошто опозицијата би требало да се собира по нарачка на Мицкоски, прашуваат од СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека партијата нема да учествува на координативниот состанок на опозициските партии кој најави дека ќе го иницира Левица. Според СДСМ, станува збор за театар за јавноста и игра на власта.

„СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава.
Ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик. Но вистината е спротивна. Мицкоски е тој кој сака закон со кој ќе може да се крадат гласови од дијаспората“,
соопштија од СДСМ.
Претходно денеска опозициската партија Левица најави дека утре ќе иницира координативна средба за измените на Изборниот законик меѓу опозициските партии. И оттаму споделија став дека власта ја префрла одговорноста на опозицијата за пропаднатиот обид да се изгради консензус за измени на Изборниот законик. Идејата за средбата ја врамија, меѓу другото, и во тој контекст – опозицијата да ги усогласи ставовите и да изгради единствен предлог.
„Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас. Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица“,
соопштија денеска од Левица.
Разидувањето за измените на Изборниот законик започнаа уште во април. СДСМ ја напушти работната група во Министерството за правда откако, и покрај предупредувањето на опозицијата, власта го укина моделот на т.н. техничката влада пред парламентарни избори, воспоставен со пржинските преговори во 2015 година за излез од тогашната политичка криза.
Во последниве недели се наметна прашањето на гласањето на дијаспората. Таа и сега има право да гласа, но со лично присуство на гласачот во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ предлага електронско или гласање по пошта. Од СДСМ досега го отфрлаа предлогот, меѓу другото, и затоа што за нив е несоодветно гласачите во земјава да се идентификуваат и со отпечаток од прст, а дијаспората да гласа со непроверен механизам. Социјалдемократите бараа формирање експертска комисија за прашањето, ВМРО-ДПМНЕ во тој предлог гледа само развлекување на постапката.
Покрај дебата за начинот на кој би гласала дијаспората, евентуалните измени на Изборниот законик предвидуваат и значаен број други новини и предлози – од начинот на финансирање на кампањите на партиите до предлозите за менување на моделот на изборни единици.
