Од разрешните министри само еден ќе се врати во владата со ново портфолио. Станува збор за Иван Стољковиќ, кој од министер за односи меѓу заедниците ќе го заземе ресорот Локална самоуправа. Златко Перински, кој е разрешен од овој ресор, треба да го заземе директорското место во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), чиј прв човек, Сашо Клековски, е предложен за министер за здравство, на местото на разрешениот Азир Алиу
Разрешени се и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани. Велковски со реконструкцијата треба да дојде во ресорот социјална политика, демографија и млади, додека Сулејмани ќе го преземе култура и туризам од Љутков
Во дискусијата што му претходеше на гласањето, пратеници, претежно од опозицијата, кои зедоа збор се осврнаа токму на моментот од елаборацијата на премиерот дека министрите што се разрешуваат чесно и одговорно си ја вршеле работата. Пратениците од опозицијата прашаа ако е така, тогаш зошто се разрешуваат
Собранието ги разреши министрите кои се опфатени со реконструкцијата на владиниот кабинет и на чие место треба да дојдат кадрите што ги предложи премиерот Христијан Мицкоски по разговорите со коалициските партнери – ЗНАМ и Влен.

Разрешувањето на министрите за правда; за односи меѓу заедниците; за земјоделство, шумарство и водостопанство; за здравство; за социјална политика, демографија и млади, за локална самоуправа; за култура и туризам и еден министер без ресор, беше прва точка во рамките на денешната 112. седница, на која на дневен ред е реконструкцијата на Владата.
Сите министри кои веќе не ја вршат оваа функција беа разрешени со двотретинско мнозинство гласови, иако за разрешувањето беше потребно апсолутно мнозинство, односно за предлогот да гласаат најмалку 61 пратеник.
Така, Игор Филков од функцијата министер за правда беше разрешен со 83 гласа „за“, без „против“ и воздржани.
Иван Стоиљковиќ од министер за односи меѓу заедниците беше разрешен со 95 гласа „за“, Цветан Трипуновски, кој раководеше со земјоделство, со 92 гласа „за“, разрешувањето на Азир Алиу го поддржаа 80 пратеници, додека тројца беа против, а имаше и тројца воздржани.
За разрешување на Фатмир Лимани од министер за социјална политика „за“ гласаа 85 пратеници, а еден беше против, предлогот за разрешување на Златко Перински од министер за локална самоуправа го поддржаа 87 пратеници, на Зоран Љутков, кој беше на чело култура и туризам, 91 пратеник, додека Шабан Салиу е разрешен од функцијата министер без ресор со 85 гласа „за“.
Од разрешените министри само еден ќе се врати во владата со ново портфолио. Станува збор за Иван Стоилковиќ, кој од министер за односи меѓу заедниците ќе го заземе ресорот локална самоуправа. Златко Перински, кој е разрешен од овој ресор, треба да го заземе директорското место во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), чиј прв човек Сашо Клековски е предложен за министер за здравство, на местото на разрешениот Азир Алиу.
Разрешени се и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани. Велковски со реконструкцијата треба да дојде во ресорот социјална политика, демографија и млади, додека Сулејмани ќе го преземе култура и туризам од Љутков.
Предлогот за разрешување на министрите го образложи премиерот Христијан Мицкоски, кој меѓу другото, рече дека сите до еден од нив се чесни и луѓе со достонство и чест, кои чесно, професионално и со чувство на одговорност ја извршувале својата должност.
Во своето обраќање, премиерот поединечно им се заблагодари на министрите за кои предложи да бидат разрешени со владината реконструкција, истакнувајќи дека зад себе оставиле конкретни резултати.
Во дискусијата што уследи, најголемиот дел од пратениците се осврнаа токму на моментот од елаборацијата на премиерот дека министрите што се разрешуваат чесно и одговорно си ја вршеле работата. Пратениците од опозицијата прашаа ако е така, тогаш зошто се разрешуваат.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица посебно се осврна на предлогот за разрешување на Цветан Трипуновски од министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделието од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? Зборуваме за министер кој го донесе македонското земјоделие во колапс, којшто сега им должи околу 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026, којшто во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот“,
рече Крмов.
Од реконструкцијата, според пратеникот на Левица, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ, која го губи секторот правда, а Влен ќе излезат посилни затоа што добиваат ресор плус. Со давањето на секторот правда на Влен, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.
Коментирајќи го неговиот говор, кој го оцени како непринципиелен, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, го потсети Крмов дека тие бел дел од минатата локална власт во Град Скопје со директорски, заменик-директорски и советнички места и го запраша зошто не се откажале тогаш, ако сметаат дека поделбата на власта во Македонија, согласно политичкиот систем, е пазар и непринципиелна поделба на колач.
Пратеничката од СДСМ и ексминистерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, говореше за работата на досегашниот министер за култура Зоран Љутков, за кого рече дека ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат рече дека нема ниту еден капитален проект. Во тој контекст, таа ги спомена новиот Закон за употреба на македонскиот јазик и статусот на Охрид во УНЕСКО, за кои рече таа Љутков не направил ништо за време на неговиот двегодишен мандат.

Јована Мојсовска од Левица, пак, му се обрати на директорот на ФЗО, Сашо Клековски, кој е предложен за министер за здравство поради недостигот на лекот „фактор VIII“ за хемофилија.
„Ние денеска тука дочекавме да назначиме и трет министер за здравство во две години владеење, ама лицата со хемофилија повеќе од една година го чекаат лекот ‘фактор VIII’ и јас затоа од старт ќе го информирам новиот министер Клековски дека иако во јануари во оваа Собрание беше ветено дека лекот за хемофилија ќе пристигне брзо, не само што лекот продолжи да се дистрибуира во ограничени количини, туку деновиве лица со хемофилија реагираат дека воопшто не го ни добиваат овој лек што е од животно значење“,
рече Мојсовска.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, го оцени обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски како оксиморон, бидејќи од една страна предлага разрешување на минситрите, а од друга страна ги фали.
„Нема логика. Ако министрите биле добри, не требало да се разрешат, или ние не слушнавме причини зошто се разрешуваат. Вашето образложение беше филозофско и затоа јас ќе ви дадам контраодговор користејќи филозофија. Дајте им на луѓето забава, спектакл за да не се занимаваат со винските проблеми и со лагите што се обидувате да им ги продавате“,
рече Снопче.
И неговата колешпка од Алијанса за Албанците, Илире Даути, кажа дека во материјалите за првата точка министрите не видела дека е наведена причина зошто министрите се разрешуваат од ресорите со кои раководеле.
