Сите до еден од министрите за кои е поднесен предлог за разрешување, порача премиерот, се чесни и луѓе со достоинство и чест, кои чесно, професионално и со чувство на одговорност ја извршувале својата должност. Довербата што граѓаните на избори ѝ ја дадоа на оваа влада, продолжи Мицкоски во своето обраќање пред пратениците, не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, ниту на која било партија
Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле. Напротив. Денес им оддавам признание на луѓе кои во различни околности, ресори и со различни предизвици дадоа свој придонес во реализацијата на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата. Ова од собаниската говорница го порача премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на седницата на која треба да бидат разрешени и избрани членови на Владата.

Сите до еден од министрите за кои е поднесен предлог за разрешување, порача премиерот, се чесни и луѓе со достонство и чест, кои чесно, професионално и со чувство на одговорност ја извршувале својата должност. Довербата што граѓаните на избори ѝ ја дадоа на оваа влада, продолжи Мицкоски во своето обраќање пред пратениците, не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, ниту на која било партија.
„Таа доверба им припаѓа единствено на граѓаните. Ние сме само привремени чувари на таа доверба. И затоа имаме обврска постојано да се преиспитуваме. Да проценуваме дали можеме повеќе. Дали можеме подобро. Дали можеме побрзо. Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати. Нема да биде влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган. Тоа беше принцип“,
порача Мицкоски.
Говорејќи за реконструкцијата на владиниот состав, премиерот оцени дека влада што престанува да се преиспитува, почнува да стагнира, а влада што стагнира, како што рече, ја успорува државата. Затоа, додаде тој, на владината реконструкција не треба да се гледа како крај на нечија работа.
„Го велам затоа што граѓаните заслужуваат јасно да ја видат разликата. Разликата меѓу политика што се задоволува со изговори и политика што носи резултати. Разликата меѓу оние што ветуваа промени и оние што денес секојдневно ги реализираат. И токму затоа, пред да ги предложам новите министри, чувствувам обврска да им се заблагодарам на луѓето кои во изминатиот период чесно, посветено и одговорно ги извршуваа своите функции. Затоа што во оваа влада не постои заборав за вложениот труд. Постои почит кон резултатите“,
додаде тој.
Во продолжение на своето обраќање, премиерот поединечно им се заблагодари на министрите кои ќе бидат сменети со владината реконструкција истакнувајќи дека зад себе оставиле конкретни резултати. Додаде дека функциите во Владата не се трајна привилегија, туку одговорност што секојдневно треба да се оправдува, а оти вреднувањето на функционерите се темели на нивните резултати.
Собранието денеска ја одржува 112. седница, на чиј дневен ред се предлозите за разрешување министри и заменик-министри, како и избор на нови членови на Владата.
Седницата доаѓа по долго најавуваната реконструкција на Владата.
