На седницата се очекува премиерот Христијан Мицкоски да ја образложи смената на министрите, која ја најавуваше подолго време

Собранието денеска треба да ја одржи 112. седница, каде на дневен ред се предлозите за разрешување министри и заменик-министри, како и избор на нови членови на Владата.
Седницата доаѓа по долго најавуваната реконструкција на Владата. На предлог на премиерот Христијан Мицкоски, пратениците треба да гласаат за разрешување на министерот за правда Игор Филков од ЗНАМ, на чие место треба да дојде Јетон Шасивари од Влен.

Понатаму, Иван Стоилковиќ – претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, се предлага да биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците, но треба да ја преземе министерската функција во локална самоуправа.
Златко Перински, актуелниот министер за локална самоупрва, ќе биде разрешен и ќе ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде на чело е Сашо Клековски, кој, пак, се очекува да биде избран од Собранието за нов министер за здравство на местото на Азир Алиу.
За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати од Влен. Цветан Трипуновски ќе биде разрешен од функцијата министер земјоделство, шумарство и водостопанство, а на негово место ќе дојде Борче Серафимовски од ЗНАМ.
Фатмир Лимани треба да биде разрешен од министерската позиција во социјална политика, демографија и млади, а таа позиција да ја преземе Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Љутков се очекува да биде разрешен од министерската позиција во Култура и туризам, а на негово место е предложен Седат Сулејмани од Влен.
На местото на Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата се очекува преседателот на Владата, Мицкоски, да ја образложи смената на министрите, која ја најавуваше подолго време.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, по предлогот за разрешување член на Владата се отвора претрес, кој трае најмногу два дена. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјасни по предлогот во траење од 15 минути.
Новите министри се бираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.
Инаку, интересни образовни референци има кандидатот за министер за земјоделство од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски, кој во Бугарија има завршено факултет, постдипломски студии, а таму одбранил и докторат. Идниот министер за култура Седат Сулејмани, пак, бил активен во граѓанскиот сектор, иако во Култура бил и за време на претходната власт.
