Во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците. Членот во владиниот кабинет и неговите обврски ќе бидат претставени пред јавноста идната недела

Парламентарното мнозинство во Собранието се зголеми на 59 пратеници, откако ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) денеска потпишаа Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, оцени дека ова партнерство е значаен чекор кон зацврстување на политичката стабилност. Тој нагласи дека зголемениот број пратеници не го гледа како привилегија, туку како поголема одговорност пред граѓаните.
Како дел од постигнатиот коалициски договор, ДПТМ ќе добие свој претставник во извршната власт, што ќе биде објавен по претстојната владина реконструкција.
„ДПТМ ќе биде дел од владиниот кабинет, ќе има министер и ќе го претставиме неговото име во јавноста наскоро, откако ќе заврши реконструкцијата во понеделник или вторник. Во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците. Членот во владиниот кабинет и неговите обврски ќе бидат претставени пред јавноста идната недела“,
рече Мицкоски.
Покрај министерската позиција, партијата ќе предложи свои кандидати и за други државни институции, а соработката е замислена како долгорочно партнерство кое ќе опфати и идни парламентарни циклуси.
Претседателот на ДПТМ, Зулфикар Зејнула, истакна дека договорот претставува усогласување на програмските определби за стабилна држава и најави дека партијата ќе биде конструктивен владин партнер.
Илјас рече дека приоритет ќе им биде учество во развојот на државата, унапредувањето на правата на турската заедница и нејзината институционална застапеност и зачувувањето на јазичниот и културниот идентитет.
Одговарајќи на новинарски прашања за политичкиот пресврт, со оглед на тоа што ДПТМ претходно беше дел од коалицијата „Европски фронт“, Зејнула појасни дека таа соработка е прекината уште пред локалните избори.
„Веројатно не сте информирани дека ние во изминатиот период, веќе една година имаме раскинато договор со ‘Европскиот фронт’. Во Собранието делувавме како независна партија, затоа не дека се направи пресврт, туку сега успеавме да се договориме и направивме коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за долги години“,
рече Зејнула.
Инаку, пратеникот Бејџан Иљас беше избран во Собранието како дел од „Европскиот фронт“ кога ДПТМ беше дел од коалицијата. Тој сега дејствува како независен пратеник.
