„ДУИ, во отсуство на резултати и визија, повторно се обидува преку оркестрирани конструкции да создава недоверба, подметнувања, забуни и погрешна слика. Тоа не е патриотизам. Тоа е политичка нервоза претворена во штета за заедничкиот интерес на Албанците“, се вели во соопштението на Влен

Односите со Албанија, институционалната комуникација и меѓуалбанската соработка не смеат да бидат жртва на тесни партиски интереси, порачаа денеска од Влен по одржаниот состанок на нивното централно раководство.
Од партијата потенцираат дека на Албанците во Северна Македонија, Албанија, Косово и регионот им е потребно повеќе единство, доверба и заедничка одговорност. Според нив, секој обид за „кодошење, лажно известување и политичко подметнување“ е штетен и директно спротивен на албанските интереси.
Влен упати директни критики до опозициската ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека се обидува да манипулира со јавноста поради недостаток на конкретни резултати.
„ДУИ, во отсуство на резултати и визија, повторно се обидува преку оркестрирани конструкции да создава недоверба, подметнувања, забуни и погрешна слика. Тоа не е патриотизам. Тоа е политичка нервоза претворена во штета за заедничкиот интерес на Албанците“,
се вели во соопштението на Влен.
Од Влен истакнуваат дека целосно ја почитуваат Амбасадата на Република Албанија како институција, како и секоја меѓудржавна комуникација, независно од тоа што одредени поединци во моментов служат на интереси на политички групации. Тие порачуваат дека институциите се поголеми од дневната политика и не смеат да се сведуваат на приватни или партиски интереси.
Од партијата најавуваат дека ќе продолжи со достоинствена и принципиелна комуникација со Албанија, која ќе придонесе за стабилноста во регионот.
„На Албанците им треба единство, не интриги. Им треба соработка, не подметнувања. Им треба иднина, не стара политика на страв, поделби и кодошење“,
велат од Влен додавајќи дека остануваат посветени на стабилноста и одговорното претставување на Албанците во земјава.
Реакцијата на Влен доаѓа откако вчера двајцата нивни пратеници Беким Ќоку и Аднан Азизии и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, се вратија од граничниот премин „Ќафасан“ поради тоа што на еден сопатник што бил со нив не му бил дозволен влез во Албанија.
Денеска албанските власти рекоа дека тројцата функционери имале дипломатски пасоши и биле информирани дека можат да продолжат, но едно лице, кое било во нивна придружба и имало законски пречки на границата, не можело да патува кон Република Албанија.
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, рече дека е загрижен за постапувањето кон пратениците на граничниот премин „Ќафасан“ и очекува целосно и транспарентно разјаснување кое, како што вели, ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира односите на двете држави.
