Откако албанските полициски службеници не дале „зелено светло“ за влез во државата на едно од лицата кое патувало заедно со македонските политичари, пратениците и заменик-генералниот секретар во Владата се вратиле назад во земјава
По едночасовно чекање на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница, полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со пратениците во македонското Собрание, Беким Ќоку и Аднан Азизи, од владејачката партија Влен, но и заменик-генералниот секретар во Владата, Хасим Муртезани.
По овој настан, координаторот на Влен, Ќоку, во изјава за медиумите, рече оти не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели дека рутински преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.
„Јас, заедно со Аднан Азизи, пратеник, и Хасим Муртезани, заменик-генерален секретар на Владата, и неколку други државни функционери имавме работа во Тирана. Кога пристигнавме на ‘Ќафасан’, тројцата бевме со дипломатски пасоши, она што требаше да биде рутинска контрола која трае само пет минути, за жал, албанските гранични службеници нè држеа повеќе од еден час без да ни дадат никакво објаснување зошто не можеме да ја преминеме границата, а на едниот од нас кој беше во другиот автомобил му беше забранет и одбиен влез во Албанија. Во моментот кога бевме информирани дека на еден од нашите сонародници му е одбиен влез, решивме да се вратиме и сè уште не разбираме зошто се случи ова“,
рече Ќоку.
Пратеникот Азизи, пак, вели оти е дипломатски апсурд тоа што четири лица со дипломатски пасоши чекале толку време на граница и рече оти вакво нешто не му се случило ниту на српската граница.
„Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд и е многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час и тоа е многу сериозно искуство бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле. Сме ја преминале и српската граница, но таму немало никаков застој, иако сме биле за време на војните што Албанците ги водеа со Србија“,
рече Азизи.
Поддршка за пратениците на Влен пристигна од лидерот на пратеничката група на Демократска партија на Албанија, Газмент Барди, кој рече оти ниту една институција на Албанија нема право да се однесува на овој начин кон легитимните претставници на Албанците од Македонија. Дополнително, напиша оти ваквите постапки се неприфатливи, спротивни на уставните обврски на Република Албанија да ги штити и почитува Албанците каде и да живеат и го нарушуваат духот на соработка и почитување што треба да ги карактеризира односите меѓу двете земји.
Ниедна институција на албанската држава нема право да се однесува кон легитимните претставници на Албанците од Северна Македонија на понижувачки начин. Барам полицијата веднаш да даде јавно и транспарентно објаснување за овој настан. Албанија секогаш мора да биде држава која ги поздравува, почитува и заштитува Албанците, а не држава каде што тие се чувствуваат навредено или попречено. Ова не е само правно прашање, туку и национална и морална обврска“,
напиша Барди.

