Централната команда на војската на САД (ЦЕНТКОМ) ги потврди нападите, објавувајќи на платформата Икс дека тие се извршени по наредба на врховниот командант на американските сили, односно претседателот Доналд Трамп
Сирените за опасност од воздушни напади, најмалку два пати се огласиле во Бахреин, Заливската држава каде се наоѓа седиштето на Петтата флота на морнарицата на САД, додека кувајтската армија соопшти дека активно пресретнува беспилотни летала и ракети насочени кон теритојата на земјата
Војската на Соединетите Американски Држави (САД) изврши нови напади врз Иран, втор ден по ред, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека привремениот договор што требаше да ги одведе двете страни до ставање крај на непријателставата е завршен, пренесуваат светските медиуми.

Во меѓувреме, Иран одговори со напади врз повеќе цели во арапските во Персискиот Залив, каде американската војска има свои бази.
Доцна синоќа, иранските државни медиуми објавија дека одекнале експлозии во пристанишниот град на земјата Бандар Абас во Ормускиот теснец, во Сирик, друг крајбрежен град на југот на земјата, како и во југозападната покраина Бушер, каде се наоѓа нуклеарна централа на Иран, пренесе „Гардијан“.
„Ова е одмазда за вчерашното бомбардирање бродови од страна на Иран. Ако се случи повторно, ќе биде многу полошо“,
напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
Централната команда на војската на САД (ЦЕНТКОМ) ги потврди нападите, објавувајќи на платформата Икс дека тие се извршени по наредба на врховниот командант на американските сили, односно претседателот Доналд Трамп. Според соопштението, гаѓани биле близу 90 цели на територијата на Иран.
„По наредба на врховниот командант, силите на Централната команда на САД извршија дополнителни напади врз Иран со цел да ја деградираат неговата способност да ја загрози слободата на навигација во Ормускиот теснец“,
се наведува во соопштението на ЦЕНТКОМ.
— U.S. Central Command (@CENTCOM) July 9, 2026
Новата ескалација меѓу САД и Иран доаѓа откако во вторникот беа нападнати три товарни брода кои транзитираа низ Ормускиот теснец. Ова доведе до најобемната размена на оган меѓу дфвете страни по потпишувањето на меморандумот за разбирање минатиот месец што требаше да го отвори патот до договор за целосен мир. По нападите на танкерите Секретаријатот за финансии на САД, го отповика привременото укинување на санкциите кон Техеран за извоз на нафта.
Најновите судири, според пишувањата на медиумите, ги поткопаа надежите за претворање на меморандумот за разбирање, што двете страни го потпишаа на 17 јуни, во траен договор за завршување на војната.
Според новинските извештаи, Бахреин и Кувајт и денеска, како и вчера биле цел на напади од страна на Техеран, како одговор на американските удари врз цели во Иран. Сирените за опасност од воздушни напади, најмалку два пати се огласиле во Бахреин, Заливската држава каде се наоѓа седиштето на Петтата флота на морнарицата на САД.
Засега нема информации за предизвикани штети. Во меѓувреме кувајтската армија соопшти дека активно пресретнува беспилотни летала и ракети насочени кон теритојата на земјата.
Неименуван американски функционер за новинската агенција Ројтерс изјави дека се очекувало синоќешните американски напади да бидат поголеми од првиот бран завчера.
Иранската државна телевизија објави дека дополнителни експлозии се слушнале на островот Абу Муса. Станува збор за еден од трите мали острови на кои право полагаат Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а кои се позицијата од која Иран го контролира Ормускиот теснец.
Иранската новинска агенција Мехр објави дека нападите врз покраината Бушер во јужен Иран не предизвикале штета на тамошната нуклеарна централа.
Новата размена на оган меѓу САД и Иран вчера предизвикаа пад на американските берзи, а суровата нафта од типот „Брент“, која се смета за глобален репер при одредувањето на цената, скокна за повеќе од пет проценти, достигнувајќи речиси 80 долари за барел.
Повторното разгорување на непријателствата со Иран ги критикуваше американскиот центарот од Вермонт, Берни Сандерс.
„Повторното започнување на на неговата безобѕирна војна со Иран нема да ја направи Америка посилна. Ќе чини повеќе животи и ќе потроши повеќе долари на даночните обврзници…Откако ги вовлече САД во војна заснована на лаги, Трамп сега го прогласи прекинот на огнот со Иран за неуспешен по помалку од еден месец“,
напиша Сандерс на социјалната платформа Икс.
На Самитот на НАТО во Анкара, што се одржа изминатите два дена, Трамп говорејќи за медиумите вчера најави дека повторно ќе има силни напади врз Иран, за поодоцна да додаде дека најновните напади нема да резултираат со „долгорочна“ воена акција.
„Сè што ќе се случи, ќе се случи многу брзо“,
рече Трамп.
Зборувајќи на маргините на самитот, американскиот претседател рече дека нападите биле продолжена одмазда за иранските напади врз комерцијални бродови во Ормускиот теснец.

Иран тврди дека привремениот договор за прекин на огнот му дава право да управува со сообраќајот низ теснецот, што се рефлектира и во изјавата на претседателот на парламентот на земјата, Мохамед багер Галибаф, кој е клучен преговарач во разговорите со САД дека ерата на малтретирање и изнудување е завршена.
Инаку, враќајќи се од Самитот на НАТО, Трамп негираше дека безбедносни проценки поврзани со Иран биле причина за изненадувачката одлука дел патот да го помине во постар авион „Ер форс уан“, а не со новиот авион со кој пристигна во Анкара, а кој е подарок од Катар.
Прашан дали има информации за какви било веродостојни закани против „Ер форс уан“ од страна на Иран, Трамп изјави:
„Постојано имам закани. Јас сум број еден на нивната листа“,
рече тој.
Новата рунда напади доаѓа и додека Иранците се подготвуваа да го погребаат врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во неговиот роден град Машхад во североисточен Иран, кој беше убиен на првиот ден од американско-израелските напади што ја започнаа војната.
Погребот на врховниот лидер следува по повеќедневна погребна церемонија што привлече милиони ожалостени низ различни градови и во Иран и во Ирак.
