По меѓусебните воени удари и американскиот напад врз повеќе од 80 цели, Трамп ги нарече иранските лидери болни луѓе и најави нови, посилни воздушни напади и поморска блокада уште вечерва
Воените тензии меѓу САД и Иран ескалираа на највисоко ниво по жестоките судири во текот на ноќта во кои американските сили бомбардираа повеќе од 80 цели низ земјата, а Иран возврати со ракетирање на американски воени капацитети во заливските држави Кувајт и Бахреин. Денеска Техеран упати директна закана дека целосно ќе го блокира Ормускиот Теснец доколку Вашингтон изврши нови напади.

Иранската државна телевизија на англиски јазик „Прес ТВ“, повикувајќи се на висок безбедносен извор, објави дека Техеран е подготвен за војна со цел да ја задржи контролата врз овој стратегиски воден пат, низ кој минува клучниот дел од глобалните енергетски резерви, а во предупредувањето се нагласува дека иранската војска во евентуалниот одговор нема да прави никаква разлика меѓу Соединетите Држави и нивните регионални сојузници.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи на Самитот на НАТО во Анкара, целосно го отфрли неодамна договореното примирје со Иран и го доведе во прашање продолжувањето на дипломатските преговори меѓу двете земји.
„Не сакам повеќе да имам работа со нив, тие се ѓубриња. Знаете ли што се ѓубриња? Е па, тие се тоа. Тие се болни луѓе. Предводени се од болни луѓе. Тие се сурови, насилни луѓе. И да имаат нуклеарно оружје, би го искористиле. Што се однесува до мене, завршено е“,
рече Трамп.
Трамп упати и директна најава за нова воена офанзива и нагласи дека американските сили веројатно уште вечерва повторно и многу посилно ќе го удрат Иран. Претседателот на САД објасни дека последната ескалација била предизвикана од неодамнешните ирански напади врз три комерцијални бродови во Ормускиот Теснец поради што Вашингтон веќе ги врати санкциите за продажба на иранска нафта и се подготвува за воведување целосна поморска блокада на сите ирански пристаништа.
