Од владејачката партија велат и оти според неофицијални информации кои ги добиле од граничната полиција, за пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и за заменик-секретарот на Владата Хасим Муртезани постоела забрана за влез во Албанија
Република Албанија треба да даде официјален одговор за вчерашното задржување на координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани на граничниот премин „Ќафасан“ од страна на албанската полиција, реагираат од влаејачката партија Влен.

Оттаму велат оти нивните функциониери биле задржани околу еден час без никакво официјално објаснување, иако сите тројца поседуваат дипломатски пасоши. Дополнително, во соопштението се вели и оти според неофицијални информации кои им биле соопштени од страна на граничната полиција, против тројцата функционери на Влен постои забрана за влез, иако не им била соопштена никаква одлука, документ или пак оправдување.
„Влен бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници“,
се вели во партиското соопштение.
Дополнително, велат оти меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомневање.
Во текот на вчерашниот ден на ГП „Ќафасан“ по едночасовно чекање, полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со пратениците во македонското Собрание, Беким Ќоку и Аднан Азизи, од владејачката партија Влен, но и заменик-генералниот секретар во Владата, Хасим Муртезани. координаторот на Влен, Ќоку, во изјава за медиумите, рече оти не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели дека рутински преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.
