Подолг разговор Сиљановска-Давкова имала со унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој најавил уште позасилена поддршка за Западен Балкан и намера за регионална турнеја, нагласувајќи дека членството на овие земји во Европската Унија е клучен предуслов за траен мир и стабилност на Балканот.

Понекогаш се чудам како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија 20 години да нè држат во лавиринтот. Време е тоа да се надмине. Ова го изјавила претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по учеството на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, во рамки на Самитот на НАТО кој се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
Од кабинетот на претседателката информираат дека на маргините на Самитот таа остварила средби со регионалните лидери. Синоќа имала кратка средба со бугарскиот претседател Румен Радев, во присуство на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Според неа, Радев истакнал дека не сме само соседи, туку дека таа му е пријателка, што претседателката го оцени како инспиративно и охрабрувачко. Подолг разговор Сиљановска-Давкова имала со унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој најавил уште позасилена поддршка за Западен Балкан и намера за регионална турнеја, нагласувајќи дека членството на овие земји во Европската Унија е клучен предуслов за траен мир и стабилност на Балканот.
Осврнувајќи се на главните пораки од Самитот, Сиљановска-Давкова вели дека Македонија е потврдена како докажан, кредибилен и одговорен партнер на кој НАТО може да смета. Таа додаде дека на Самитот се почувствувало силно единство меѓу лидерите, вклучително и од американскиот претседател Доналд Трамп, за спроведување на задачите поставени уште во Хаг.
Претседателката ја поздрави и пораката на Трамп дека европските држави мора да го преземат својот товар од одбраната и посочи дека речиси сите земји веќе тргнале по таа патека на „себегарантирање“.
„Тоа е исто, според мене, многу важно“,
вели претседателката.
Цитирајќи ја мислата на Кемал Ататурк – „Ако има дома мир, ќе има и надвор мир“, Сиљановска-Давкова подвлече дека силата на Европа е во нејзината способност со мирни средства да посегне по реформи или да промовира демократија заснована на основните принципи и вредности.
„Тоа ја прави посебна, се разбира, ако истите членки седат таму и таму, или во најголем дел, тогаш логично е дека не треба да се откажеме од мирот. Тука е посебната вредност на господинот Трамп, бидејќи тој, покрај издвојувањето на средства, постојано вели дека треба да се најде мирна солуција за сите проблеми“,
рече Сиљановска-Давкова.
Македонската делегација на Самитот во Анкара ја предводи претседателката Сиљановска-Давкова, а во нејзиниот состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Инаку, денеска, пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет, во рамките на Самитот на НАТО во Анкара, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во изјава за медиумите, порача дека мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“, според нејзино мислење, значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа, рече таа, е Европа која живее во мир и демократија, засновани на принципи и вредности.
