Претседателката утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“
Нејзините активности почнуваат вечерва со присуство на свечената вечера што ја приредува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во чест на лидерите и нивните сопружници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе учествува на дводневниот Самит на НАТО во Анкара, каде што ќе ја предводи македонската делегација составена од министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Претседателката утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“.
Во рамкиte на Самитот е предвидено да оствари и билатерални средби.
Нејзините активности почнуваат вечерва со присуство на свечената вечера што ја приредува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во чест на лидерите и нивните сопружници.
На самитот во Анкара учествуваат лидерите на 32-те земји членки на НАТО, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спаиќ и многу други.
Присутни ќе бидат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Фокус на издвојувањето средства за одбраната, идните стратешки приоритети и војната во Украина
Главни теми на разговорите ќе бидат зголемувањето на инвестициите во одбраната, зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана, идните стратешки цели на Алијансата, како и безбедносните предизвици во евроатлантскиот регион.
Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, состојбата на јужното крило на НАТО и заканите со кои се соочува Алијансата. На крајот на самитот се очекува усвојување завршна декларација со која сојузниците ќе ја потврдат посветеноста на колективната одбрана согласно членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Во декларацијата се очекува Русија да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, а лидерите повторно ќе нагласат дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Ќе биде упатен и повик до Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормускиот Теснец.
На маргините на самитот ќе се одржи и форум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој ќе учествува министерот за одбрана Владо Мисајловски. На форумот се очекува потпишување договори со компании од одбранбениот сектор вредни повеќе милијарди евра.
Речиси 57 илјади припадници на безбедносните сили го обезбедуваат Самитот на НАТО во Анкара
Анкара е под засилени безбедносни мерки поради одржувањето на Самитот. За безбедноста се ангажирани речиси 57 илјади припадници на безбедносните служби, меѓу кои полицајци, припадници на жандармеријата и експерти за кибербезбедност.

Самитот се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“, а лидерите за време на настанот ќе се превезуваат со десет специјално дизајнирани електрични лимузини од турскиот производител „Тог“.
