Мисајловски откри дека веќе од понеделник на солунското пристаниште се очекува да пристигнат новите армиски возила од типот „страјкер“ и JLTV, кои по триесетина дена ќе бидат целосно ставени во оперативна функција

Во касарната „Илинден“ денеска беше презентирана воена опрема пристигната во рамки на соработката со Европската Унија преку Европскиот мировен фонд. На презентацијата беше соопштено дека досегашната поддршка од Унијата изнесува 40 милиони евра поделени во три пакети, со дополнителни два милиони евра за Балканските медицински сили, а веќе се преговара и за четврти пакет помош.
Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека денешниот настан е видлив резултат од стратегиското партнерство, особено по потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана во 2024 година.
„Европскиот мировен фонд ја одразува растечката соработка во безбедноста и одбраната меѓу ЕУ и Северна Македонија. Гледаме како ова партнерство не само што со себе носи нова опрема, туку вклучува и обука. Гледаме извонредни симулирани вежби од страна на силите. Како што знаете, ние обезбедивме 38 милиони евра и ова е еден почеток на прекрасно партнерство“,
изјави Рокас додавајќи дека партнерството се придвижува „на многу брз и конкретен начин“.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски појасни дека станува збор за целосен грант од ЕУ, поврзан со заедничката европска безбедносна политика и учеството на земјава во меѓународни мисии.
„Се работи за три пакети од вкупно 40 милиони евра, но очекуваме дека четврт пакет би потпишале. Тоа го преговараме во овој момент и се разбира ќе оставам на ЕУ претставниците да дадат свој одговор на тоа“,
рече Мисајловски.
Мисајловски откри дека веќе од понеделник на солунското пристаниште се очекува да пристигнат новите армиски возила од типот „страјкер“ и JLTV, кои по триесетина дена ќе бидат целосно ставени во оперативна функција.
Премиерот Христијан Мицкоски упати благодарност до ЕУ за донацијата нагласувајќи дека тоа е признание за посветеноста на македонските војници како рамноправен дел од НАТО алијансата. Тој нагласи дека државата инвестира сериозни средства за модернизација.
„Пред неколку дена во посета ни беше главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, кој јасно кажа дека сите инфраструктурни проекти кои ги движиме претставуваат пример за многу членки на НАТО. Средствата што ги издвојуваме во нашиот случај достигнуваат и до четири проценти од БДП, што е цел која ќе се обидеме да ја одржиме и во наредните години“,
истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека со оглед на тоа што номиналниот БДП во последно време расте со стапка од над осум отсто, одржувањето на ова ниво на воени инвестиции ќе биде предизвик, но Владата останува на ставот дека модерната и конкурентна Армија е врвен приоритет за земјата.
