Обвинителката на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, која го застапува обвинението, во изјава за медиумите рече оти е задоволна од она што денеска било презентирано во судницата, а што според неа ги потврдува наводите на Обвинителството
Одбраната на Ристов, пак, ги спори доказите тврдејќи дека постои можност за манипулација со нив. Прашуваат зошто не било извршено вештачење и на парите
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој е обвинет за прикривање имот и перење пари откако во ѕид од кујната во семејниот дом на неговите родители беа пронајдени 350 000 евра завиткани во алуминиумски фолии.

Денешното рочиште продолжи со доказната постапка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а предмет беа токму алуминиумските фолии во кои беа пронајдени 610 банкноти од по 500 и 200 евра. Сослушани беа полициски службеници од Одделот за форензички испитувања во Министерството за внатрешни работи, кои пред Судот рекоа дека на фолиите биле пронајдени отпечатоци и биолошки траги од обвинетиот судија.
Според кажаното од нивна страна, за вештачење им биле дадени 13 примероци, од кои само два биле погодни за анализа, а се проверувала ДНК од Ристов и од неговите родители.
Еден од вештаците рече дека анализите покажале дека биолошките траги на анализираниот материјал се од обвинетиот судија и од уште една непозната индивидуа која не е во крвно сродство со него. Вештачењето покажало дека на алуминиумските фолии нема биолошки траги од родителите на Ристов.
Обвинителката на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, која го застапува обвинението, во изјава за медиумите рече оти е задоволна од она што денеска било презентирано во судницата, а што според неа ги потврдува наводите на Обвинителството.
„Особено суштинско е она кое побудува интерес – ДНК-анализата на биолошките траги. И во суштина Обвинителството е задоволно од она што беше презентирано на денешната расправа, кое неспорно потврдува и го дообјаснува она како е дојдено и што значи самата ДНК-анализа“,
изјави обвинителката Хаџи Василева, пренесе телевизија Телма.
Одбраната на Ристов, пак, ги спори доказите тврдејќи дека постои можност за манипулација со нив. Според неа, фолиите во кои биле завиткани парите не биле адекватно отстранети и првично биле чувани во сеф во Министерството за внатрешни работи, а потоа предадени на Агенцијата за одземен имот. Дури потоа тие биле донесени на анализа кај форензичарите во МВР. Прашуваат и зошто не било извршено вештачење на парите.
„Парите се извадени од истите кеси, предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Потоа е наредено вештачење по завршување на истрага и земени биолошки траги и дадено на вештачење кое е направено на 8.4.2026. Вас не ви е сомнително во тие 80 дена да се отвора доказниот материјал, никој не знае што е и како е запечатен после тоа. И вештачени се парчиња од алуминиумска фолија, ама не и парите: А овде зборуваме за 350 000 евра најдени во ѕид“,
изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ кој е бранител на обвинетиот Ристов.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, смета дека приговорите на одбраната немаат смисла ниту суштина и претставуваат обид за одолговлекување на постапката.
„Ние не сме професионалци, но и еден обичен правник и кој било граѓанин знае дека биолошките материјали, како што објаснуваат и вештаците, практично цртаа, се подложни на контаминација, кросконтаминација, како што велат тие, но ако најдете биолошки траги на некој материјал, тие просто постојат. Без оглед дали постојат и други или трети, но овие постојат, а во конкретниот случај тие потекнуваат од обвинетиот Ѓоко Ристов“,
изјави обвинителката.

На претходното рочиште, на кое Обвинителството почна со изведување на материјалните докази, во судницата се пуштаа видеоснимки од претресите, на кои се гледа моментот кога полицијата во ѕидот зад плочките ги пронаоѓа парите во 13 пакувања обвиткани со алуминиумска фолија. Во таа насока, беше наведено и она што таткото на Ристов им го кажал на полицајците кога ги нашле фолиите. Тој рекол дека не знае што има во нив и дека тој простор во куќата го користи неговиот син.
Инаку, обвинетиот судија Ѓоко Ристов на рочиштето на 28 мај рече дека ги разбира делата што му се ставаат на товар – прикривање имот и перење пари – но се изјасни за невин.
Наредното рочиште е закажано за 14 јули, кога треба да сведочи уште едно вешто лице од МВР, а продолжи и изведувањето материјални докази на Обвинителството, односно треба да биде презентирана комуникација од телефонот на Ристов.
