Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, рече дека Обвинителството ќе докажува оти апелацискиот судија Ѓоко Ристов дал лажни податоци за својата имотна состојба, ќе се докажува прикривањето податоци за имотот на обвинетиот, како и тоа дека го користел делот од куќата каде што биле најдени соѕиданите пари
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 000 евра, на денешното почетно рочиште од судскиот процес што се води против него, рече дека ги разбира делата што му се ставаат на товар – прикривање имот и перење пари – но се изјасни за невин.

„Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација“,
изјави Ристов пред Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, рече дека Обвинителството ќе докажува оти апелацискиот судија дал лажни податоци за својата имотна состојба, ќе се докажува прикривањето податоци за имотот на обвинетиот, како и тоа дека Ристов го користел делот од куќата каде што биле најдени соѕиданите пари.
„Уверена сум дека Судот ќе овозможи правилно судење во разумен рок. А, од доказите што ние ќе ги презентираме, уверени сме дека ќе ја докажеме вината на обвинетиот за дејствијата што му се ставаат на товар“,
рече обвинителката Хаџи Василева,
Од одбраната на Ристов, во судницата денеска беа присутни бранителите Ѕвонко Давидовиќ и Душко Јанковиќ.
Адвокатот Давидовиќ рече дека поврзувањето на пронајдените пари со обвинетиот е неосновано, додавајќи дека ниту еден доказ не ги поврзува Ристов и неговата функција. Посочи дека во текот на постапката одбраната ќе му го докаже на Судот легалното потекло на имотот на родителите на обвинетиот, односно дека родителите на Ристов легално ги заработиле средствата што беа пронајдени соѕидани во нивната куќа во Неготино.
Давидовиќ, меѓу другото, рече дека одбраната во текот на оваа постапка ќе се судри со теоријата на Обвинителството наречена „ѕидовите зборуваат, а доказите молчат“. Рече и дека се прават две финансиски вештачења – едното за имотот на родителите на обвинетиот и другото за имотот на обвинетиот и неговото семејство. Побарано е и графолошко вештачење, што, како што посочи, Обвинителството не го направило.
