Опозиционерите бараат итна координирана акција на сите надлежни институции, психолошка поддршка за жртвата и конкретен план за превенција на врсничкото насилство во сите училишта на територијата на Општина Аеродром, оценувајќи дека безбедноста на децата мора да биде највисок приоритет на институциите
Општинската организација на СДСМ во Аеродром остро го осуди случајот со меѓуврсничко насилство што пред два дена се случи во парк на територијата на оваа општина.

Оттаму бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) итно да го расчисти случајот, да ја утврди одговорноста на сите вклучени во настанот и да ги испита наводите објавени во дел од медиумите дека полициски службеници во станицата во Лисиче не презеле ништо откако лицата што дошле да го пријават случајот им ја презентирале видеоснимката на која се гледа насилството врз малолетничката.
„Дали е точно дека пријавувачите биле вратени со изговор дека жртвата треба сама да го пријави насилството?“,
велат од СДСМ.
Партијата бара одговори и од Општина Аеродром и од градоначалникот Дејан Митески што е преземено за спречување на врсничкото насилство кое, како што велат, станува сè почеста појава.
„Безбедноста на децата не смее да биде тема за молк и пасивност. Каде се превентивните програми? Каде е соработката со училиштата, стручните служби и родителите?“,
велат од опозициската партија.
Оттаму бараат итна координирана акција на сите надлежни институции, психолошка поддршка за жртвата и конкретен план за превенција на врсничкото насилство во сите училишта на територијата на Општина Аеродром, оценувајќи дека безбедноста на децата мора да биде највисок приоритет на институциите.
Претходно денеска МВР информира дека во врска со случајот на разговор во полициска станица се повикани две малолетнички и нивните родители, а дека по утврдувањето на идентитетот на другите инволвирани ќе бидат поднесени кривични пријави за насилство и за запуштање и малтретирање малолетно лице.
