Од ВМРО-ДПМНЕ, во таа насока, ги повикуваат СДСМ и Левица да предложат амандмани за корекција на начинот на заокружување и на поднесување приговори, како што бараат, да ги повлечат другите амандмани и сите пратеници и пратенички групи во Собранието консензуално да ги донесат измените на Изборниот законик
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги обвини опозициските СДСМ и Левица дека настапуваат како коалиција во блокадата на Изборниот законик, а причината за тоа ја лоцираат во ниските рејтинзи на двете партии и интенцијата директно да ѝ нанесат штета на државата во исполнувањето на Реформската агенда, што го доведува во прашање повлекувањето средства од Планот за раст на Европската Унија (ЕУ).

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција рече дека Социјалдемократскиот сојуз и Левица здружено го блокираат Изборниот законик, кој со месеци го договарале и во кој владејачката партија прифатила сè што тие предложиле.
Единствено нешто, вели Манасиевски, што ВМРО-ДПМНЕ побарале било нашата дијаспора да може да гласа на следните претседателски избори.
„Прво го прифатија ова наше барање, а денес истите го блокираат“,
вели Манасиевски.
Тој порача дека јавноста мора да знае дека Изборниот законик е дел од Реформската агенда, и дека тој се носи со сугестии и забелешки од страна на ОБСЕ и ОДИХР.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во таа насока, ги повикуваат СДСМ и Левица да предложат амандмани за корекција на начинот на заокружување и на поднесување приговори, како што бараат, да ги повлечат другите амандмани и сите пратеници и пратенички групи во Собранието консензуално да ги донесат измените на Изборниот законик.
„Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога вештачката интелигенција има клучна улога. Венко Филипче и Димитар Апасиев со блокада на овој Закон сакаат директно да ѝ нанесат штета на Македонија во делот на исполнување на реформите од Реформската агенда, но и во повлекувањето средства од Планот за раст“,
рече Манасиевски.
Според портпаролот, на Социјалдемократскиот сојуз и на Левица им пречи и тоа што владејачката партија работи чесно, одговорно и транспарентно, и што земјава е прва во регионот во исполнувањето на Реформската агедна и повлекувањето финансиски средства од Планот за раст.
„Ние ќе продолжиме по тој пат, бидејќи тој пат е вистинскиот за Македонија“,
порача Манасиевски.
Пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, вчера попладне соопшти дека пратеничката група на социјалдемократите подготвила 10 000 амандмани и дека ќе го блокира носењето на предложениот Изборен законик бидејќи, според него, содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.
Претходно, на прес-конференција во Собранието, пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, рече дека Работната група не постигнала консензус за предложените измени на Изборниот законик и дека учеството на Левица во овој процес во ниту еден случај не значи согласност со понудените решенија. Тој најави дека партијата ќе го блокира донесувањето на законот доколку власта се обиде насилно да го протурка.
Според лидерот на Левица, во работната група останале пет прашања што не биле затворени – условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето една изборна единица.
По најавите за блокада на Изборниот законик, со реакција на социјалните мрежи излезе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премир, Христијан Мицкоски, кој ги наведе иститите обвинувања и пораки до двете опозициски партии што денеска на прес-конференција ги кажа портпаролот на партијата, Манасиевски.
Во објавата на Фејсбук, Мицкоски оцени дека опозицијата по првпат има шанса вистински и суштински да биде за европската иднина на Македонија и тоа, како што вели, не со менување на Уставот, туку со реформи.
Вчера доцна попладне, собранискиот пленум со 59 гласа „за“, три „против“ и ниту еден „воздржан“, ја усвоија потребата измените на Изборниот законик да се носат по скратена постапка.
