Осврнувајќи се на дијалогот со Бугарија, Муцунски на прес-конференцијата со својот литвански колега рече дека тој треба да продолжи со поддршка од земјите членки на ЕУ и од европските институции, со цел да се дојде решение кое ќе обезбеди предвидлив и сигурен европски пат на земјата, заснован на мерит-критериуми, а не на билатерални прашања
Прашан околу дипломатската нота поврзана со патувањето на членови на најтесното семејство на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годината, Муцунски рече дека очекува истрагата да се направи, како што рече, „таму каде што најдобро знаат“
Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но очекуваме јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со литванскиот колега Кестутис Будрис, кој е во официјална посета на земјава.

Прашан како ја коментира изјавата на шефот на литванската дипломатија Будрис дека сега е моментот за проширување на ЕУ и оти Македонија треба да го искористи, Муцунски рече дека постои широка поддршка од земјите членки за напредокот на државава, но посочи оти се потребни јасни уверувања дека евроинтегративниот процес ќе се одвива непречено, односно без нови блокади и условувања.
Во однос на гаранциите што може да ги добие земјата, шефот на дипломатијата рече дека она што е очигледно е дека и по однос на т.н. европски консензус од 2022 година, има различни толкувања што доѓаат од 26 земји членки на ЕУ, институциите на Унијата и една земја членка.
„Пак ќе повторам, не дека ние како држава имаме отпор, свесни сме, и ние во сите наши изјави, ако мислите не само од мене, туку и од претседателката на државата, од претседателот на Владата, велиме дека ќе учествуваме во овој процес. Посебно по самитот во Тиват се чувствува енергија за придвижување веќе. Нема никаква дилема кај нас. Но ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик, ние да ги направиме тие потези, повторно да имаме ваков тип на разговори, ваков тип на прес-конференции, каде што ќе бидеме во ситуација една земја членка да не биде коректна“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Осврнувајќи се на дијалогот со Бугарија, Муцунски рече дека тој треба да продолжи со поддршка од земјите членки на ЕУ и од европските институции, со цел да се дојде решение кое ќе обезбеди предвидлив и сигурен европски пат на земјата, заснован на мерит-критериуми, а не на билатерални прашања.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека не сме лековерни и наивни да мислиме дека одеднаш од страна на Бугарија ќе има некаква голема промена на позицијата, која сега е прилично агресивна и радикална.
„Затоа треба да го искористиме следниот период да најдеме начин на дипломатско ниво да се намалат тензиите и да продолжиме да разговараме врз основа на вредности, врз основа на принципи, врз основа на потребата политиката на проширување да биде базирана на мерит, а не на субјективни билатерални прашања“,
рече шефот на македонската дипломатија.
Прашан околу дипломатската нота поврзана со патувањето на членови на најтесното семејство на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годинава, Муцунски рече дека очекува истрагата да се направи, како што рече, „таму каде што најдобро знаат“.
„Истрагата треба да се направи таму каде што најдобро знаат, нека се направи. И мислам дека тука, од официјална гледна точка, ние со Софија ја затворивме темата и очекуваме соодветен одговор од нивна страна. Според мене, не е во духот на добрососедството и пријателството да се каже дека се работи за стара информација. Тоа не е добар пристап кога ја оспоруваме дипломатската комуникација“,
рече тој.
Во однос на реформската агенда и роковите, министерот изјави дека верува во умешноста и на претседателот на Собранието и на парламентарното мнозинство.
„Очекуваме во овој извештаен период, којшто завршува заклучно со 30 јуни, да бидеме најдобри во регионот и да ја потврдиме нашата посветеност кон реформите и кон европските интеграции. Конкретно за Изборниот закон, јас ќе кажам, жалам што опозицијата не учествува во активната реформа. Ќе повторам, и тоа ќе го кажам како и неколкупати наназад. Не може и опозицијата во државата да вели дека е за Европската Унија, ако се во прашање законите и реформите поврзани со Европската Унија да има застој во процесите. Ни треба национален консензус во општеството, и доколку навремено се обезбедеше тој национален консензус, за европските реформи, немаше да бидеме сега во ситуација во последен момент да треба политички да се менаџираат овие состојби, но јас верувам во умешноста и на претседателот на Собранието и на парламентарното мнозинство“,
рече тој, додавајќи дека очекува повторно да бидеме најдобри во регионот според престојните извештаи.

Продлабочувањето на политичките и економските односи, зајакнувањето на евро-атлантската соработка и силната поддршка за европската интеграција на Македонија биле во фокусот на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис.
Како што изјавија на заедничката прес-конференција за медиумите по средбата, двајцата министри констатирале дека билатералните односи се одлични, со потенцијал за понатамошно продлабочување, особено во економската и трговската соработка. Било нагласено дека отворањето македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор за унапредување на партнерството, а Литванија останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на земјата. Воедно, заеднички било оценето дека актуелните геополитички состојби бараат единство, засилена соработка и јасна ориентација кон европските вредности.
