Со договорот се заокружува процесот на воспоставување систем за заедничка гранична проверка со трите соседни земји на Македонија кои не се дел од шенген-зоната. Системот веќе функционира со Србија и со Косово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот албански колега, министерот Бесфорт Љамалари, попладнево во пограничниот град Пешкопеја во Албанија потпишаа Договор за воспоставување на заеднички гранични премини и заеднички гранични контроли меѓу Северна Македонија и Албанија.

Договорот, како што пишува Тошковски во објава на Фејсбук, претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и помодерно управување со македонско-албанската граница, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите на двете земји. Со договорот се заокружува процесот на воспоставување на систем за заедничка гранична проверка со трите соседни земји на Македонија кои не се дел од шенген-зоната.
„Нашата цел е јасна – побрз проток на луѓе и стоки, намалување на времето на чекање и истовремено зајакнување на безбедноста преку координација и заедничко дејствување. Им благодарам на сите тимови кои работеа на подготовката на овој договор, како и на министерот Љамалари за партнерството и успешната соработка“,
пишува министерот на Фејсбук.
Потпишувањето на договорот следува откако владите на Северна Македонија и на Албанија кон средината на месецов го изгласаа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“. Воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин „Ќафасан“, а потоа ќе биде проширен и на другите гранични премини со соседна Албанија.
