Од СДСМ потсетуваат и на случајот во скопско Тафталиџе, за кој имало повеќе пријави за семејно насилство пред младата жена да се самоубие заедно со својата ќерка, за случајот со Росица од Велес, која беше убиена од својот поранешен партнер, како и за серискиот убиец од Старо Нагоричане, за кој институциите не реагирале навреме
Откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во изминатите две години, опозицискиот СДСМ обвини дека откако е тој на функцијата во државата има распад на безбедносниот систем, скандали, партизација на полицијата, неказнивост и заштита на криминалци.

„Тошковски ветуваше правда, велеше ‘брат да ми е, ќе одговара’, ама денеска никој не одговара. Нема одговорност за ниту еден криминален тендер, нема одговорност ниту за петте тони дрога кои поминаа преку македонската граница. Во изминатите две години сведочевме на серија трагедии, убиства, вооружени пресметки, семејно и врсничко насилство, раст на трговијата со дрога и сериозно нарушена безбедност во државата“,
велат од СДСМ.
Особено трагичен белег останува трагедијата во Кочани за која, според опозициската партија, јавноста видела обиди за префрлање на вината и заштита на актуелни функционери.
Од СДСМ потсетуваат и на случајот во скопско Тафталиџе, за кој имало повеќе пријави за насилство пред младата жена да се самоубие заедно со својата ќерка, за случајот со Росица од Велес, која беше убиена од својот поранешен партнер, како и за серискиот убиец од Старо Нагоричане, за кој институциите не реагирале навреме.
„За Симе од сликите со Мицкоски, кој пукаше со калашников, одговорност исто така нема. За командант на ‘Тигар’ е поставен човек кој спречувал инспекциска акција и физички нападнал инспектори – одговорност нема. Луѓе од обезбедувањето на Мицкоски продавале службени информации за пари. Нема одговорност. Другиот телохранител на Мицкоски добива условна казна за семејно насилство. Нема одговорност“,
велат од СДСМ обвинувајќи го министерот дека две години го штити криминалот на власта.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно денеска на прес-конференција рече дека земјава има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години, а дека изминатите две години е постигната вкупна ефикасност од 69 отсто, зголемен е бројот на откриени сторители и сузбиени над 30 криминални групи.
