Министерот за внатрешни работи вели дека во изминатите две години за повеќе од 30 проценти е намален и бројот на тешки кражби, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за над 40 проценти. Бројот на извршени убиства, пак, е намален за 4 проценти, а покрај тековното постапување, како што рече Тошковски, Министерството успеало да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години
Македонија денес има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, давајќи отчет за сработеното во изминатите две години откако е на оваа функција.

Тошковски порача дека во изминатите две години е постигната вкупна ефикасност од 69 отсто, зголемен е бројот на откриени сторители на кривични дела, а сузбиени се и над 30 организирани криминални групи кои дејствувале во различни области – од недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари, трговија со луѓе и други тешки облици на криминал.
„Во областа на корупцијата, бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1 000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период“,
вели Тошковски.
Во однос на недозволената трговија со дрога, министерот за внатрешни работи вели дека се сузбиени 11 организирани криминални групи, спречени се девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а откриени се три импровизирани лаборатории. Откриени се над 1 600 кривични дела, пријавени се околу 1 900 сторители, а запленети се околу 6,2 тони дрога. Заплената на кокаин, како што рече, е зголемена за повеќе од 300 отсто. Резултати, според Тошковски, има и во спречувањето на недозволената трговија со оружје – запленети се над 550 парчиња оружје, сузбиена е една поликриминална организирана група, а во пораст е и запленетата пиротехника.
Министерот за внатрешни вели дека во изминатите две години за повеќе од 30 проценти е намален и бројот на тешки кражби, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за над 40 проценти. Бројот на извршени убиства, пак, е намален за 4 проценти, а покрај тековното постапување, како што рече Тошковски, Министерството успеало да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години.
„Во изминатите две години, полицијата ја зајакна и својата улога како доверлив и активен партнер на ‘Европол’ и ‘Интерпол’, учествувајќи во бројни меѓународни операции насочени кон сузбивање на организиран криминал, недозволена трговија со дрога и оружје, криумчарење мигранти, трговијата со луѓе и фалсификување пари“,
рече Тошковски.
Тој се осврна и на процесот за издавање на лични документи, кој, како што кажа, за разлика од пред две години, сега функционира стабилно и без застој. Додаде де по две децении е реконструирано и Одделението за управни работи во Скопје, во зградата на МРТ, а нови управни канцеларии се отворени во повеќе општини во државата.
Еден од најзначајните проекти на МВР во изминатите две години, посочи министерот, е реализирањето и пуштањето во функција на системот за автоматско регистрирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“.
„Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120 000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина“,
информира Тошковски.
Според неговите очекувања, имплементацијата на „Безбеден град“ во поголемите градови и главните патни правци во државата треба да заврши до крајот на 2026 година.
