„Како што веќе наведовме, нотата дистрибуирана во јавноста се однесува на настани од 6 јануари 2026 година. Околностите околу случајот сè уште се разјаснуваат. Наредено е вршење проверка за утврдување на сите факти поврзани со обработката на нотата во рамките на Министерството за надворешни работи“, се вели во изјавата на бугарското МНР за државната новинска агенција БТА
Министерството за надворешни работи на Бугарија посветува особено внимание на заштитата на дипломатската кореспонденција и ги осудува сите дејствија што ги кршат строго утврдените меѓународни правила и практики во оваа област. Ова го изјавиле од бугарското МНР за државната новинска агенција на нашиот источен сосед по коментарите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за објавувањето во јавност на дипломатската нота за патувањето на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годинава.

Во изјавата што ја пренесува агенцијата, од бугарското МНР наведуваат дека околностите како нотата станала достапна во јавност надвор од утврдените институционални канали сè уште се разјаснуваат и дека во таа насока е наредена проверка за да се утврдат сите факти поврзани со случајот.
„Како што веќе наведовме, нотата дистрибуирана во јавноста се однесува на настани од 6 јануари 2026 година. Околностите околу случајот сè уште се разјаснуваат. Наредено е вршење проверка за утврдување на сите факти поврзани со обработката на нотата во рамките на Министерството за надворешни работи“,
се вели во изјавата на бугарското МНР за државната новинска агенција – БТА.
Инаку, оваа не прва реакција Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со случајот, кој предизвика бранувања на релација Скопје – Софија. Пред два дена, бугарското МНР во соопштение до тамошните медиуми негираше дека дипломатската нота поврзана со посетата на Бугарија на сопругата и помалиот син на премиерот Мицкоски протекла од оваа институција. Тогаш оттаму наведоа дека станува збор за настани што се случиле одмамна и поради тоа оваа информација не може да биде основа за заклучоци дека постои непосредна закана по безбедноста на граѓаните на Бугарија или на друга земја, односно по безбедноста на македонскиот премиер и неговото семејство.
Премиерот Христијан Мицкоски вчеравечер во интервју за Националниот сервис – МРТ по повод две години од мандатот на Владата, рече дека провокациите што се случија во изминатиот период не се случајни и дека станува збор за организирана бугарска кампања за влијание на политичкиот амбиент во земјава.
Тој посочи дека има обид да се искористи актуелната ситуација со реконструкцијата на владата и да се направи поширок обид за промовирање позиции кои се неприфатливи за македонските граѓани.
„Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука. Прилично искусен човек, дипломат, на еден наш заеднички разговор многу одамна, пред 7-8 години на почетоците мои како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ми рече ако некогаш помислиш дека работите во политиката се случиле случајно, верувај не е така, не си во право, затоа што ти само не си бил информиран тоа што некој го планирал. Така што јас многу малку верувам во случајност во политиката“,
изјави вчера премиерот Мицкоски.

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера, исто така, во телевизиско гостување, жестоко се осврна на првичниот одговор на бугарското МНР за случајот, наведувајќи дека во него немало јасен демант дека документот протекол од оваа институција и оти единствениот одговор што бил даден е дека настанот, односно патувавањето на семејството на премиерот во Пампорово се случил одамна.
Муцунски додаде дека најмалку што очекувал од официјална Софија е осуда за објавувањето на дипломатската нота, притоа правејќи паралела со начинот на кој македонското МНР и институциите во земјава дејствувале и веднаш го осудиле палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје што се случи неодамна.
Прашан дали неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова му се јавила во врска со објавувањето на дипломатската нота, Муцунски кусо одговори „не“, и додаде дека имало разговор во македонското МНР со амбасадорот на Бугарија во земјава, кому му биле пренесени, како што рече, нашите грижи во врска со случајот.
