Мјузиклот е во режија на Дејан Пројковски, а е замислен како музичко-сценски перформанс во кој низ уметничка призма ќе бидат опфатени сите важни моменти во изминатите 35 години. Ќе биде изведуван на отворено, во 15 града низ земјата
Повеќе од 100 македонски артисти ќе учествуваат во мјузикл, кој се најавува како еден од големите проекти во рамки на прославата за одбележување на 35-годишнината од независноста на државата. Музичко-сценскиот перформанс ќе биде изведуван на отворено, во 15 града низ земјата.

Мјузиклот е во режија на Дејан Пројковски, а е замислен како музичко-сценски перформанс во кој низ уметничка призма ќе бидат опфатени и пренесени сите важни моменти во изминатите 35 години.
„Музичко-сценскиот перформанс нема задача да биде некаква хронологија или да се занимава со реалното време, туку да создаде една уметничка реалност и музичко-сценско патување низ изминатите 35 години обидувајќи се од два агли да гледа на независноста на државата. Едниот е генерацијата која беше директен учесник во тоа, а другиот е младата генерација која, би рекол, ја наследува независноста. Ќе се обидеме на еден уметнички начин да ги споиме генерациите и да направиме еден мост“,
изјави режисерот на мјузиклот на денешната прес-конференција.

Пројковски вели дека мјузиклот ќе биде еден од најголемите сценски настапи на отворено, кој ќе спои сите уметности – од ликовната уметност, преку филмот, до поезијата и литературата. Главниот лик во мјузиклот кој ќе ја води публиката низ тие 35 години, ќе биде актерот Игор Џамбазов.
„Среќен сум и почестен што сум одбран како церемонијал-мајстор на овој мултимедијален спектакл што го подготвуваме со многу големо внимание, радост и одговорност. Пресреќен сум затоа што ќе се обидеме, и јас ќе бидам директен учесник во тоа, овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија. Не дека досега не било така, но овој пат ќе се даде посебна назнака на тоа дека сите го прославуваме ова. Роденден на сите оние кои се чувствуваат лојални граѓани на оваа држава“,
изјави актерот Игор Џамбазов.
Во перформансот, додава Џамбазов, ќе бидат вметнати големите успеси на државата, на спортот, на уметноста.
На прес-конференцијата се обрати и портпаролката на Владата, Марија Митева, која рече дека интернационалните ѕвезди се вредни за почит, но дека македонските уметници и култура се оние што го носат духот на една нација.
„Исклучително сме горди што успеавме да влеземе во една ваква организација преку проект во кој учество ќе земат над 120 македонски уметници. За мене ова е можеби најважниот проект во овој дел за 35 години независност на Република Македонија. Исклучителна благодарност до сите учесници“,
изјави Митева додавајќи дека Владата етапно ќе ги соопштува останатите проекти во рамки на прославата по повод 35-годишнината од независноста на државата.
Покрај мјузиклот, како што беше претходно објавено, во рамки на прославата по повод 35-годишнината од независноста, свој настап на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје ќе има познатиот диџеј Дејвид Гета, а на плоштадот „Македонија“ концерт ќе одржи еден од најголемите оперски пејачи, шпанскиот тенор Хозе Карерас.
