Вчера, Франција го регистрираше својот најтопол ден досега. Властите во земјата потврдија и дека 40 луѓе во неколку региони се удавиле додека пливале во ненадгледувани области во текот на последните неколку дена
Во наредните денови, како што наведува „Гардијан“, топлотниот бран се очекува да се прошири во Источна Европа
Дел од Европа ја очекува уште еден ден во справување со силниот топлотен бран што го зафати континентот, кој соборува рекорди на термометрите во многу земји, пишуваат медиумите.

Според „Гардијан“, Министерството за здравство на Италија за денеска прогласи црвена тревога за опасност од топлотен бран во 16 града, вклучувајќи ги Милано и Рим, додека во Велика Британија се очекува температурите да достигнат и до 40 Целзиусови степени во некои области.
Експертите велат дека екстремното време е предизвикано од атмосферските и циркулациските модели кои го држат топлиот воздух заробен на едно место со денови, што предизвика постепен пораст на живата во термометрите, а дополнително на овие фактори влијаат и последиците од глобалното затоплување.
Подготвувајќи се за рекордно високите температури, во Велика Британија ќе бидат затворени дел од училиштата, а надлежените власти ги повикуваат граѓаните на земјата да не патуваат, поради можни одложувања и прекини во јавниот сообраќај.
Во некои делови на Англија и Велс, температурите денеска и утре би можеле да достигнат и до 40 Целзиусови степени, а во сила е црвена метеоролошка тревога за екстремна топлина што опфаќа област што се протега од Лондон до Свонси и од Сомерсет до Бирмингем.
Вчера, Франција го регистрираше својот најтопол ден досега. Властите во земјата потврдија и дека 40 луѓе во неколку региони се удавиле додека пливале во ненадгледувани области во текот на последните неколку дена.
Според податоците на француските власти, повеќе од 90 проценти од населението во земјата е изложено на екстремна топлина. Живите во термометрите денеска се очекува да достигнат од 39 до 41 Целзиусов степен во поголемиот дел од југозападниот дел на земјата, како и од Бретања до Парискиот Регион.
Од среда до петок, барем, Централна и Јужна Холандија ќе бидат под портокалов код за екстремна топлина. Секој што живее во Амстердам со градска карта може да плива бесплатно во шест градски отворени базени, додека националната железничка компанија ќе вози помалку возови на голем број линии од среда поради очекуваната топлина.
Во наредните денови, како што наведува „Гардијан“, топлотниот бран се очекува да се прошири во Источна Европа.
Полската метеоролошка служба издаде предупредувања за високи температури на воздухот што ќе го зафати западниот дел на земјата од утре до сабота, прогнозирајќи температури што би можеле да соборат рекорди.
Јадранскиот брег на Хрватска, исто така, е ставен под црвен аларм за високи температури кои се очекуваат во петок и сабота.
Унгарија, која веќе е под тревога за топлотен бран од второ ниво, соопшти дека го зголемува на максимално ниво од сабота до вторник, бидејќи температурите во земјата продолжуваат да растат.
