Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на прес-конференција по соопштувањето на оставката на Стармер, рече дека длабоко ја цени заедничката работа со премиерот, со кого „отворивме ново поглавје со обновувањето на билатералните односи“

По оставката на Кир Стармер од премиерската и од функцијата лидер на Лабуристичката партија, со реакции се јавија дел од светските лидери.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодарува на премиерот во заминување за неговата поддршка и за тоа што секогаш се стремел да го направи тоа што е потребни и она што навистина ќе помогне.
Канадскиот премиер Марк Карни вели оти било привилегија да се работи заедно со Стармер додека тој ги водел меѓународните напори за поддршка на Украина преку „Коалицијата на волјата“, зајакнување на НАТО, подобрување на арктичката соработка и продлабочување на историското партнерство меѓу Канада и Обединетото Кралство.
„Во текот на целиот процес, и наспроти исклучителните предизвици, Кир дејствуваше со принципиелност, решителност и соработка. Светот е побезбеден, а сојузниците се пообединети благодарение на неговите напори“,
вели Карни.
It has been a privilege to work alongside Sir Keir Starmer as he has led international efforts to support Ukraine through the Coalition of the Willing, strengthen NATO, improve Arctic cooperation, and deepen the historic partnership between Canada and the United Kingdom.… pic.twitter.com/iq6qZAj3DM
— Mark Carney (@MarkJCarney) June 22, 2026
Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодарува за „зајакнувањето на француско-британските односи, неговата посветеност во рамките на Коалицијата за поддршка на Украина, како и за оживувањето на односите меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија“.
Ирскиот премиер Михаел Мартин вели дека Стармер „работел со нас за да постави нова насока и длабочина во односите меѓу Ирска и Велика Британија, за доброто на сите наши граѓани, север-југ и исток-запад“.
Портпаролот на германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Стармер отсекогаш бил „сигурен и близок партнер во прашањата за надворешна политика, особено во врска со Украина“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на прес-конференција по соопштувањето на оставката на Стармер, рече дека длабоко ја цени заедничката работа со премиерот, со кого „отворивме ново поглавје со обновувањето на билатералните односи“.
Кошта потсети дека минатата година, првпат по повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, британски премиер учествувал на состанок со своите колеги во Брисел.
Стармер работеше на воспоставување силна врска меѓу неговата земја и ЕУ, заснована на доверба, дополни на истата прес-конференција претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Очекувам обновување на силните и одржливи врски со граѓаните на Велика Британија“,
рече таа.
Британскиот премиер Кир Стармер објави дека поднесува оставка од премиерската и од функцијата лидер на Лабуристичката партија. На прес-конференцијата на Даунинг стрит одржана денеска, Стармер рече дека утринава разговарал со кралот Чарлс Трети и го информирал за својата одлука.
Во обраќањето до јавноста, Стармер рече дека Лабуристичката партија се соочува со дилеми дали тој е најдобрата личност да ја предводи партијата на следните парламентарни избори. Додаде дека го слушнал одговорот на членството во врска со ова прашање и го прифатил со достоинство и со добра волја.
Неколку часа откако Кир Стармер објави дека поднесува оставка како лидер на Лабуристичката партија, Енди Барнам положи заклетва како пратеник за Мејкерфилд.
