Организаторите на настанот велат оти слоганот укажува на потребата на ЛГБТИ+ заедницата да биде видена и да остане надвор од четирите ѕида во која постојано се турка за да биде затворена
Со реквизити во боите на виножито, знамиња и транспаренти активисти и граѓани излегоа на овогодинешната Парада на гордоста во Скопје која се одржува под мотото – „Сите нека знаат“.

Граѓаните ќе се движат низ неколку улици во централното градско подрачје, а помеѓу присутните се и Заменик-амбасадорот на Европската Унија во земјава, Бен Нупнау, германската амбасадорка Петра Дрекслер, како и шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром.

Организаторите во изјава за медиумите соопштија дека Парадата на гордоста отсекогаш била протестен марш и оваа година форматот на протестна поворка останува ист. Слоганот „Сите нека знаат“, како што велат укажува на потребата на ЛГБТИ+ заедницата да биде видена и да остане надвор од четирите ѕидови во која се турка за да биде замолчена и затворена.

Пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк активистите ги изнесоа нивните политички заложби и барања како организациски одбор на парадата а обраќања имаа и активисти од заедницата и поддржувачи на Скопската парада на гордоста.

360 Степени неодамна објави интервју со дел од организаторите на Парадата на гордоста, Сара Миленковска и Ангел Димитриевски во кое тие подетално говорат за овогодинешниот слоган, организацијата и значењето на настанот.
