Со ова, како што соопшти денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска е исполенета и последната обврска од Реформската агенда во областа на енергетиката
Според Божиновска, со оглед на актуелните ниски берзански цени и зголемените количини електрична енергија од обновливи извори, во наредниот период може да се очекува поевтинување на струјата. Но, како што рече државата има и план Б доколку евентуално дојде до нагорна корекција на цената на струјата поради сè уште неизвесните глобални случувања
Државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) повеќе нема целосно да ги покрива потребите на универзалниот снабдувач со електрична енрегија – „ЕВН хоум“. Од следната година, наместо досегашните 100 проценти државната компанија ќе обезбедува 70 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Со ова, како што соопшти денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска е исполенета и последната обврска од Реформската агенда во областа на енергетиката.
Според Божиновска, со оглед на актуелните ниски берзански цени и зголемените количини електрична енергија од обновливи извори, во наредниот период може да се очекува поевтинување на струјата. Но, како што рече државата има и план Б доколку евентуално дојде до нагорна корекција на цената на струјата поради сè уште неизвесните глобални случувања.
„Што се однесува до исполнување на обврските од реформската агенда, од секторот енергетика се исполнети сите. Работиме и на последниот, а тоа е намалување на интервенција, односно од 100 отсто што ЕСМ ги дава на универзалниот снабдувач, ќе бидат 70 отсто, со тоа што за оваа година веќе тендерот е завршен. За следната година ЕСМ нема да дава 100 отсто, туку ќе дава максимум 70 отсто на универзалниот снабдувач. Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија и дека веќе и Грција извезува, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени, меѓутоа, тоа е сепак берза, може да има и скокови и падови, меѓутоа некој тренд е дека сега има многу ниски цени и нули. Инаку, секако дека имаме и план Б. Како што одлучивме дека ќе има 70 отсто, ние секогаш се грижиме граѓаните да имаат електрична енергија. Ќе видиме како одат трендовите. Сега за сега се дека има многу евтина електрична енергија“,
изјави министерката по брифингот со новинарите.
На прашањето дали ќе се укинат четирите блока на потрошувачи, министерката потсети дека за тоа е надлежна Регулаторната комисија за енергетика. Блоковите, рече Божиновска, беа донесени кога цените на електричната берза изнесуваа 700, 800 или 1 000 евра за мегават час.
„Сега имаме комплетно друга слика, имаме цени нула, а Регулаторната комисија за енергетика е одговорна за блоковите. Таа ги дефинира и прави истражување што се случува. Ако нè повика, секако ќе дадеме наше мислење, меѓутоа целта е една и единствена, граѓаните да имаат пониски сметки, што се надевам дека е цел и на Регулаторната комисија. Со овие ниски цени сега што се, што ги гледаме, се надевам дека би можело да има некоја промена, меѓутоа тоа сè зависи од Регулаторната комисија за енергетика“,
објасни министерката.
Божиновска информира и дека Македонија, според извештајот за 2025 година, има 58 отсто производство на електрична енергија од обновливи извори, што е веќе над европскиот просек кој изнесува над 50 проценти. Тој тренд, рече, ќе продолжи, зашто има многу голем интерес за инвестиции во обновливи извори.
На прашањето дали земјава има доволно вода и струја за најавените дата-центри, министерката одговори дека ако тоа се приватни инвестиции и обврска на приватниот инвеститор е да си ги обезбеди потребните услови за дата-центрите.
„Ние како држава ја правиме легислативата, односно можноста да може да има дата-центри кај нас“,
рече министерката Божиновска.
Инаку, опозицискиот СДСМ вчера побара мораториум на изградба на нови комерцијални дата-центри кои користат системи со испарување на вода.
Од партијата сметаат дека се потребни законски обврски за помалите проекти за државни потреби, со кои инвеститорите ќе се обврзат на исклучиво воздушно ладење и сопствено производство на енергија преку соларни паркови и батерии, без да повлекуваат струја од националната мрежа.
На вчерашната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ упати обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека власта инсистира на изградба на големи комерцијални дата-центри. Тој рече дека власта сака да ги продаде водата и струјата за интереси на странски дата-центри и сопствени тендерски профити.
Од Министерството за транспрот наводите на СДСМ ги оценија како небулози и обид за манипулација на граѓаните, тврдејќи дека инвестициите во дата-центри изнесуваат милијарди евра во сите развиени држави во Европа и Америка, и дека развојот на технологијата и вештачката интелигенција се клучни двигатели на модерните држави.
