„Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија“, рече Мицкоски во своето обраќање на прославата на 36-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ
Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36-годишнината од основањето на партијата што се одржа во Струмица, но, нагласи дека нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.

Патот кон ЕУ, рече Мицкоски, нема да биде спринт или кратка трка, туку маратон.
„Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но исто така нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, коишто велат, веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата.
Тој упати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неспорен факт.
„Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше“,
рече Мицкоски.
Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа, потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил“,
рече Мицкоски, додавајќи дека, според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.
Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.
„Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој“,
рече тој.
Мицкоски го повика членството и граѓаните да се подготват за, како што рече, долга и тешка борба за зачувување на националните интереси и напредок кон европската иднина.
Во својот обемен говор, Мицкоски се осврна на повеќе теми, а упати и порака дека нема да има пакт и сојуз со криминалот и корупцијата.

„Честопати добиваме и критики, дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да повторам, тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и да правиме естрада од она кое што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе коишто од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу. Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема“,
рече Мицкоски.
Последниот „нивен жилав бастион“, како што рече, се малкумина корумпирани судии и обвинители, но и тие, порача, ќе бидат поразени наскоро и „ќе одговараат од прв до последен“.
