„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам“, рече претседателката по средбата со својата бугарска колешка
Сиљановска-Давкова го споменала и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, но за тоа немало интерес од другата страна
Јасно е дека уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото и почеток на преговорите на земјава со Европската Унија, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по билатералната средба со својата бугарска колешка Илијана Јотова на маргините на Самитот на ПСЈИЕ.

„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам“,
изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонската делегација за време на средбата ги изложила своите позиции и видувања, особено потенцирајќи ја обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на Европската Унија, да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур. На средбата со својата бугарска колешка, Сиљановска-Давкова го споменала и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, но за тоа немало интерес од другата страна, а разговорот бил насочен кон прашања со кои се соочуваат двете земји како соседи.
Претседателката, сепак, ја оцени средбата со Јотова како успешна, исто како и Самитот на ПСЈИЕ.
„Изразивме став дека треба почесто да се сретнуваме и да разговараме колку тоа понекогаш да изгледа дека нема да вроди со резултат доколку сте на сопствените позиции“,
изјави претседателката.
Конкретна следна средба меѓу двете претседателки не е договорена, иако двете изразиле подготвеност за разговори, за дебата и за меѓусебно почитување дури и кога двете страни имаат различни позиции.
Претседателката претходно денеска се обрати на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија од каде што, меѓу другото, порача дека проширувањето на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес.
