Според него, во тек се разговори за формирање синдикат од меѓународни финансиски институции, а доколку тие преговори успеат, посочи дека реално е да се очекува почеток на изградбата на проектот веќе следната година
Во контекст на климатските промени, посочи дека акумулациите од овој систем би имале клучна улога како резервоари на пивка вода за регионот
Реализацијата на „Чебрен“ и на „Галиште“ претставува стратешки приоритет не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за неговата вчерашна изјава дека се размислува државата самостојно да го реализира овој хидроенергетски проект, чија инвестиција би изнесувала до 1,5 милијарда евра.
Оцени дека покрај енергетскиот аспект во проектот, особено е значајна компонентата за обезбедување резерви на пивка вода.

По повеќегодишни неуспешни обиди за јавно-приватни партнерства и тендерски постапки, како што посочи, сега државата размислува самостојно да го финансира и реализира овој проект.
„Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот комплекс на централи на реката Црна, над постоечката ‘Тиквеш‘, во јавноста познат како проект ‘Чебрен и Галиште‘. Направиме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за доградба на училиште во скопски Ѓорче Петров.
Досегашните обиди за реализација преку приватни партнерства и тендерски постапки, додаде, биле неуспешни и проследени со сомнежи, поради што Владата разгледува алтернативен пристап.
Според премиерот, во тек се разговори за формирање синдикат од меѓународни финансиски институции, а доколку тие преговори успеат, реално е да се очекува почеток на изградбата на проектот веќе следната година.
„Има многу причини за кои верувам, јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, народски кажано, да стиснеме заби да го изградиме сами овој проект. Ако успееме да обезбедиме финансиска поддршка, можно е следната година да поставиме камен-темелник за овој историски проект“,
вели тој.
Во контекст на климатските промени посочи дека акумулациите од овој систем би имале клучна улога како резервоари на пивка вода за регионот.
„Убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот ќе им требаат два резервоари за пивка вода. А токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари, така што производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби терцијален или четврти по ред“,
кажа премиерот.
Посочи дека имајќи предвид оти од посточеката хидроцентрала „Тиквеш“ се наводнуваат околу 60 илјади хектари земјоделско земјиште, како лозови и вински насади, додаде дека новите акумулации дополнително би ја зајакнале земјоделската и водната стабилност на регионот.
„Ова е амбициозна најава, но не невозможна. Многу блиску сме до конечна одлука државата сама да го гради овој проект“,
рече тој.
Инаку, идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии во 1960-тите години од минатиот век. Во периодот од последните 20 години имало повеќе неуспешни тендери.
