Демократската унија за интеграција мора да престане да го партизира здравството. Наместо да организираат протести подобро е овие 15 дена до изборите да ги искористат да направат 4-годишен план за реформа и демократизација на својата партија, порачаа од СДСМ.
„Четири години во опозиција се доволно време за реформа на една партија. ДУИ треба да сфати дека довербата кај граѓаните се гради низ годините, а не со евтина национал-популистичка пропаганда во последните 15 дена пред изборите. Време е и ДУИ и сите останати политички субјекти да се издигнат над партиските интереси. Здравјето на граѓаните, одржувањето на стабилен здравствен систем, се поважни и повредни од нивната желба за партиско профитерство. Кој ќе ги предводи институциите во следните четири години одлучуваат исклучиво граѓаните, не одлучува ДУИ“,
се вели во партиското соопштение.
Реакцијата на СДСМ следува по денешниот протест организиран од Движењето „Јас верувам“, во знак на револт за разрешувањето на д-р Арбен Зибери од директорската функција во Центарот за јавно здравје Скопје, кој беше сменет откако јавно се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите за да можат да се вратат иселениците и да гласаат за премиер Албанец.
Разрешувањето на Зибери, ДУИ го оцени како политичка одмазда насочена против кандидатурата на Насер Зибери за кандидат за премиер.