„Мислам дека тоа ќе го постигнеме, добро е и што државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал, или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината да имаме за првпат позитивни резултати. Од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, мојата прогноза е меѓу шест-седум милиони добивка, ќе видиме. Консолидирани се акумулациите, знаете, во април, односно јуни месец 2024 година бевме на некои седум проценти, денеска акумулациите се на 80 проценти исполнетост“, изјави денеска премиерот
Премиерот изјави дека се работи и на новото потрошувачко портфолио што треба да овозможи поевтина струја за домаќинствата од 5 до 10 проценти
Оваа или следната недела треба да се одржи состанок меѓу Владата и надлежните компании за производство и диструбуција на електрична енергија, на кој тема ќе биде новото потрошувачко портфолио што го најавува извршната власт, а кое треба в година да донесе поевтина струја за граѓаните од над 5 проценти.

Состанокот денеска од Виница го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека дека во однос на цената на струјата Владата прави потрошувачко портфолио коешто треба да се усогласи и со дистрибутерот – „ЕВН хоум“ и со државниот производител на електрична енергија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Инаку, за новиот модел Мицкоски говореше и на собраниската седница за пратенички прашања, минатиот месец.
„Оваа или следната недела ќе имаме ќе имаме состанок – практично како се купува електричната енергија на пазарот. Во случајот, универзалниот снабдувач, дистрибутерот, односно ‘ЕВН хоум’ објавува тендер на крајот на годината за цела следна година. Ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори за да можат тие на крајот на годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме можеби ќе биде еден од ретките случаи во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до пет проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија“,
изјави Мицкоски.
За да се постигне ова, како што кажа премиерот, ќе се обидат да ги искористат поволностите на обновливите извори на енергија и преку менаџирање со другите фактори во процесот на производство на струја.
„Тоа ќе биде нешто што досега не се случило, да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е сонцето и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија, еве јас сум умерен оптимист, би била пет до 10 проценти поевтина од онаа сега. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме“,
изјави премиерот, кој денеска во Виница присуствуваше на пуштање на нов погон на фабриката „Макпрогрес“, позната по брендот „Винчини“.
Претходно, прашан за позиционираноста на Македонија во производството на „зелена енергија“ и како тоа може да влијае на цената на струјата, Мицкоски кажа дека голем дел од овие проекти се завршени, но во овој дел упати критики до претходната влада, која спроведувала вакви проекти на квалитетно земјоделско земјиште, со што промовирајќи една, направила штети врз друга инвестиција.
„Кога се движите по патот од Скопје наваму (кон Виница) ќе забележите голем дел од таквите проекти. За жал, морам да признаам, поради авантурите на претходната влада имаа и такви проекти коишто се направени на земја којашто е плодна земја, квалтителна земјоделска земја, од прва, втора и трета категорија, но тоа се политики коишто застануваат онаму каде што велиме стекнато право. Ние како влада веќе изработивме еден таков закон, тука и е потпретседателот на владата, да не можат повеќе такви проекти да се прават на земја од прва до четврта категорија, значи само од петта па нагоре, така што, се трудиме од една страна да охрабриме, да поддржиме инвестиции, но од друга страна, да не оштетиме други тип инвестиции, како што е, да речеме, земјоделието итн“,
рече Мицкоски.

Одговарајќи на прашањето, премиерот рече дека неговата влада го започнала мандатот со проектот за ветерниот парк кој се протега на делови од три општини – Радовиш, Штип и Карбинци, каде, како што кажа, теренските активности се веќе почнати.
„Мислам дека овој месец јуни ќе ве поканиме да бидете присутни таму на терен, да видите како тој проект се развива“,
рече Мицкоски.
Финансиската конструккција на проектот е завршена и изнесува половина милијарда американски долари, а, како што додаде тој, сличен таков проект и инвестиција, со истиот инвеститор, за идентична сума, се планира и во североисточниот дел на земјата.
Целта на Владата, како што рече Мицкоски, е првпат на крајот на годината земјава да биде нето-извозник на електрична енергија.
„Мислам дека тоа ќе го постигнеме, добро е и што државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината да имаме за првпат позитивни резултати. Од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, мојата прогноза е меѓу шест-седум милиони добивка, ќе видиме. Консолидирани се акумулациите, знаете, во април, односно јуни месец 2024 година бевме на некои седум проценти, денеска акумулациите се на 80 проценти исполнетост, сезоната на наводнување е во тек за земјоделците и нема апсолутно никакви рестрикции. Две години се бориме со напластени проблеми од минатото, но тоа е што е, наша задача како влада е да ги решаваме проблемите таму каде што можеме, побргу или побавно и, нормално, да си ја развиваме Македонија“,
рече Мицкоски.
