„Создадовме портфолио коешто ако добро го оптимизираме не само што нема да ја поскапи цената на електричната енергија, туку и во дадена мера ќе ја поевтини. Целта ни е да понудиме конечна цена за 2027 година што на крај ќе имплицира од 5 до 10 проценти поевтина цена на електрична енергија за граѓаните“, рече премиерот на денешната собраниска седница за пратенички прашања
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со Реформската агенда од Планот за раст на Европската Унија, изјави дека успеале да најдат решение во делот на енергетиката, со кој преку нов модел е можно поевтинување на електричната енергија за граѓаните од пет до 10 отсто, наместо покачување на цената на струјата за 30 отсто.

Како што наведе премиерот, станува збор за прашање поврзано со реформите за кое претходно се сметаше дека не е можно да се испорача.
Сепак, тој од собраниската говорница наведе дека во разговорите со Европската комисија (ЕК) дошле до, како што го нарече, еден релативен компромис кој предвидува интервенција во Законот за енергетика, во кој ќе биде допрецизирано дека државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) нема да испорачува повеќе од 70 отсто од количините потребни за снабдувачот почнувајќи од 1 јануари 2027 година.
„Во разговори со Европската комисија дојдовме до еден релативен компромис, а тоа да интервенираме во Законот за енергетика во кој ќе допрецизираме, иако законот е таков и пазарот на електрична енергија е либерализиран, ние би допрецизирале дека државната ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од количините потребни за снабдувачот почнувајќи од 1 јануари 2027. ‘ЕВН хоум’ објавува тендер еднаш годишно, и тој тендер го опфаќа период од 1 јануари до 31 декември, и е завршен и не можеме на пола тендер да интервенираме и затоа велиме од 1 јануари 2027 година. Создадовме портфолио коешто ако добро го оптимизираме не само што нема да ја поскапи цената на електричната енергија, туку и во дадена мерка ќе ја поевтини. Целта ни е да понудиме конечна цена за 2027 година што на крај ќе имплицира 5 до 10 проценти поевтина цена на електрична енергија за граѓаните“,
рече премиерот.
Според премиерот, моделот се однесува на менаџирање на електричната енергија која се произведува во зимскиот период, односно во периодот на грејната сезона и онаа за време на летната сезона, кога најмногу се произведува струја од фотоволтаичните централни, но се продава по негативна цена.
Појаснувајќи, Мицкоски рече дека количината на електрична енергија што ја трошат граѓаните е поделена во два дела – првиот дел се однесува на грејната сезона, од 15 октомври до 15 април, 24 часа на ден, плус периодот од денот од 15 април до 15 октомври во ноќните часови. Вториот се однесува на периодот од денот од 15 април до 15 октомври преку ден кога сончевата радијација е најсилна и кога соларните панели најмногу произведуваат електрична енергија и која е поевтина од таа која се троши во ноќните часови.
„Создадовме еден креативен модел кој можеме да го аплицираме, не само што ќе го исполниме чекорот, туку и ќе обезбедиме за граѓаните поевтина цена на електричната енергија 5 до10%, затоа што цената која денеска ја продаваат соларните панели односно фотоволтаичните централи е во одредени периоди од денот со минусна цена односно плаќаат за да некој им ја откупува. Креиравме вин-вин ситуација, од една страна да го исполниме чекорот, од друга страна да обезбедиме поевтина цена за електричната енергија за граѓаните“,
рече премиерот.

Претходно, говорејќи за реформската агенда, тој рече дека во однос на нејзиното исполнување тоа што е до предвидено да се испорача до 30 јуни, како грејс период, може да биде завршено, и во јунскиот извештај на ЕК, земјата да биде, како што кажа, вистински фронтранер во исполнувањето на агендата.
Во тој контекст, премиерот кажа дека целта е да се испорачаат реформи кои се однесуваат на внатрешните работи на земјата, а да се изолира она што го форсира опозицијата, односно, како што рече, безусловни уставни измени.
„Имаме прилично амбициозна агенда, нашата стратегија е да испорачаме дома реформи, Реформска агенда, Акциски план, за малцинствата и се она кое што за нас е условно кажано предмет на наша внатрешна работа да си го завршиме, да го изолираме она што го форсира дел од опозицијата, а тоа се безусловни уставни измени. Да покажеме дека сме најкомпетитивни. Имаме потенцијал и желба, амбиција сакаме да бидеме дел, а таквата политика за безусловно прифаќање кое на билатерална основа го бара една земја членка од нас да го изолираме“,
рече Мицкоски.
Во однос на другите чекори од Реформската агенда, премиерот од собраниската говорница кажа дека „горе-долу“ тие се при крај, освен Изборниот законик, чие донесување зависи од опозицијата.
„Во делот на транспорт горе-долу се усогласени мерките, а тие се за оптимизација и реструктуирање на двете јавни претпријатија АД ‘Македонски железници – инфраструктура’ и ‘Македонски железници – транспорт’ и ‘Пошта’. Во делот на дигитална трансформација поврзана со гигабитната инфраструктура ги добиваме насоките каде треба да се движиме и набргу ги очекувам тие законски измени да се најдат пред пратениците…И еден закон има многу важен, тоа е Изборниот законик кој зависи од пратениците, но имајќи ја предвид состојбата со опозицијата, доколку се заврши тоа практично и таа мерка ќе ја поминеме, така што од 10 можеме да дојдеме до 9 и пол. Тоа ќе претставува еден рекорд кој досега никој не го направил“,
изјави премиерот Мицкоски.
