По комплетирање на списите, судија на претходна постапка, предметот ќе го достави до кривичниот совет на одлучување, соопшти Кривичниот суд
Обвинителството и јавниот обвинител сè уште немаат дадено мислење во однос на жалбата за триесетдневен притвор за поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев, информираат од Основниот кривичен суд Скопје. Жалбата, како што наведуваат од судот, била доставена во петокот.
„По комплетирање на списите, судија на претходна постапка, предметот ќе го достави до кривичниот совет на одлучување,“,
велат од судот.

На 3 јуни скопскиот основен кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев и на уште три лица осомничени за повеќе кривични дека во врска со местење тендерска постапка во Царината.
Против решенијата на судијата на претходна постапка, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Судот.
Притворот на осомничените, како што се наведува во образложението, им е определен поради опасност од бегство и околности кои укажуваат дека можат да ги сокријат трагите од кривичното дело или да ја попречат кривичната постапка со влијание врз сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи.
Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, со уште три лица се осомничени дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.
