Според доказите на Обвинителството, првоосомничениот како ексдиректор на Царинската управа примил награда во износ од 111 600 денари (1 800 евра) за искористување на својата службена положба и реално влијание
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истрага и предложи притвор против четири лица, меѓу кои и поранешниот директор на Царинската управа. Меѓу лицата опфатени во истрагата се и експомошник-директор на Царината, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект.

Според наводите на ОЈО ГОКК, постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали. Фаворизирале одреден економски оператор, ја ограничиле конкуренцијата и овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18 479 692 денари.
„Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката“,
наведуваат од Обвинителството.
Според доказите на ОЈО ГОКК, првоосомничениот како ексдиректор на Царинската управа примил награда во износ од 111 600 денари (1 800 евра) за искористување на својата службена положба и реално влијание.
Четворицата осомничени се товарат за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и примање и давање награда за противзаконито влијание.
