Премиерот ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање зошто Лукровски не е вратен на работа и покрај тоа што, според наводите на новинарот, боледувањето одобрено од Лекарската комисија му траело до 30 мај. На прашањето дали ваквото отсуство претставува злоупотреба, Мицкоски рече дека на ова прашање треба да одговори директорот на ФЗО
Здравствената состојба на градоначалникот на Карпош е таква што бара мирување – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја состојбата на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој од пред точно еден месец е на боледување.

Премиерот ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање зошто Лукровски не е вратен на работа и покрај тоа што, според наводите на новинарот, боледувањето одобрено од Лекарската комисија му траело до 30 мај. На прашањето дали ваквото отсуство претставува злоупотреба, премиерот рече:
„За ова ќе одговори претпоставувам директорот на Фондот за здравствено осигурување.“
Во однос на политичкиот контекст на ситуацијата – дека граѓаните на избори гласале и одлучиле Сотир Лукровски да ја води Општина Карпош, а не да биде препуштена на некој член од Советот, Мицкоски вели:
„Во однос на политичкиот контекст, јас како што знам Сотир Лукровски е сè уште градоначалник на Карпош.“
Премиерот додаде дека здравствената состојба на Лукровски, на негова и на жал на неговото семејство, е таква што бара тој да биде во мирување. Изрази надеж дека со градоначалникот сè ќе биде во најдобар ред и дека потоа ќе може да се врати на извршување на своите работни обврски.
СДСМ пред неколку дена побара предвремени локални избори во Карпош, обвинувајќи дека граѓаните се оставени без одговори за здравствената состојба на градоначалникот Сотир Лукровски и за времетраењето на неговото боледување, оценувајќи дека имаат право да одлучат кому ќе му ја дадат довербата да ја води општината.
