Чуден е овој Мицкоски и неговите околу него. Секаде тој се слуша во едни други бомби, како тој договара и прави криминал, како заштитува криминалци, го опструрира носењето на Законот за јавно обвинителство и како редовно прима пари за финансирање на партија и на кампања, а од друга страна се обидуваат да ме инволвираат со разговори меѓу трети лица, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев, коментирајќи ги новите снимки кои вчера се појавија на Јутјуб, а во кои е споменато и неговото име.
„ Се обидуваат со разговори помеѓу трети лица да го инволвираат Заев. Заев работел чесно и поштено и покажал комплетна посветеност за својот народ и својата земја. Уште еднаш ќе испратам порака до сите дека сето ова што го правеше е конкретно и видливо, а сето она што го зборува опозицијата е „бла-бла“ и ништо повеќе. Требаше храброст за да падне режим 2015, видоја храброст. Требаше храброст да го обединиме нашето мултиетничко општество, еве им храброст. Требаше храброст да се решат споровите со Грција и Бугарија, покажавме храброст. Требаше храброст за членство во НАТО и почеток на преговори, требаше храброст. И додека сите овие прашања ги решававме, ја кренавме економијата“,
рече Заев.
На ВМРО-ДПМНЕ Заев им порача наместо да ветуваат обнова на државата, да си ја обноват партијата.
Инаку, во новата снимка која беше објавена вчера, наводно се слуша гласот на Зоран Милески-Кичеец, осуден во случајот „Рекет“ и на наводно, контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ- Дака. Двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на Заев.
Соговорникот кој зборува на српски јазик споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му била дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип.