„Овој закон за јавно обвинителство, ако помине вака како што мислат да помине, тој предмет не е завршен. Напротив, да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“, се слуша Мицкоски во новообјавеното продолжение од разговорот со Зоран Милески – Кичеец, на кој присуствува и Слободанка Алексовска
Нова аудиснимка во која се слуша гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се појави на Јутјуб. Снимката објавена на каналот „Рекет“ насловена како „Рекет2“ (илустрирана со чанта ‘луј витон’ и фотографии од Мицкоски и Орце Камчев) е продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените во предметот „Рекет“.
Во разговорот, освен гласовите на Мицкоски и Кичеец, се слуша и женски глас, кој најверојатно е на Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Центарот за вработување во Скопје, а сега директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.
Мицкоски зборува за помош што ја добил од Орце Камчев за долговите што ги оставило претходното раководство во партијата.
„Ние Зоки се договараме извесен период да се видиме. Не успеавме да се видиме со него…со избориве почнавме. Па ја откажав, па он нешто погреби-могреби таму не знам имаше, па пак јас откажав и така се некако и не можеме да се видиме, вака, објективно да ти кажам. А, лично сакам да го видам, зашто ми помогнал. Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече „Не треба ништо“. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска“,
вели Мицкоски.
На тоа Алексовска дополнува:
„Кога беше најтешко“.
Па Мицкоски продолжува…
„Парно пред исклучување, немав вода. И такви како него беа неколкумина што ми подадоа рака. Мене тоа многу ми значи“,
вели Мицкоски.
На тоа, Кичеец се надоврзува:
„Апсолутно знам како е. Заедно сме биле. Јас сум бил таму. Тоа сме го направиле и ја и он муабет“,
вели Кичеец.
Понатаму, Мицкоски посочува дека неколку пати се понудил да помогне и ги предупредува соговорниците дека предметот (не кажува кој, но според претходните објавени делови од овој разговор, најверојатно е „Империја“ против Орце Камчев), се уште не е завршен. Затоа, вели, се борел против донесувањето на новиот закон за јавно обвинителство.
„Инаку, таму не е решена работата да знаете. Затоа што овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум ја“,
вели Мицкоски.
Дел од разговорот меѓу Мицкоски и Кичеец беше објавен и вчера на истиот канал на Јутјуб.
Од содржината на тој сегмент на разговорот меѓу Мицкоски и Кичеец се заклучува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имал средба со Камчев во периодот кога бизнисменот, осомничен за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО, бил под посебни истражни мерки. Мицкоски му кажува на Кичеец дека бил сликан на некоја од средбите, со оглед на тоа што Камчев бил следен со судски налог.
Мицкоски во изјава за МИА рече дека смета оти нема ништо криминално во разговорот и дека е чудно што објавувањето на овој „приватен разговор“ доаѓа само ден откако еден од адвокатите во случајот „Рекет“ пријавил закани за ликвидација на неговиот клиент. Мицкоски вели дека бил во болницата (н.з. „Аџибадем Систина“) за да ја посети неговата мајка.
Минатиот месец, кога излегоа првите разговори на Мицкоски со Кичеец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди нивната автентичност, како и дека имал средби со осудениот за „Рекет“, кој призна вина за случајот. Средбата била пред ланските претседателски избори, односно пред откривањето на аферата „Рекет“ во јавноста.